Достапни линкови

Десетици илјади Молдавки жртви на трговија


Десетици илјади молдавки станаа жртви на трговијата со луѓе. Повеќето од нив се од селските средини, каде што економските тешкотии ги претвораат младите девојки во лесен плен на шверцерите со луѓе. Неодамна во Молдавија престојуваше дописникот на Слободна Европа Јуџин Томиуц кој разговараше со неколку жени кои успеале да побегнат од маѓепсаната мрежа.

„Бев продадена за две илјади долари. Толку бараа за мене. Еднаш ако не продадат некаде, враќањето е многу тешко.“

Вели дваесет и тригодишната ситна Алина, од едно село во централна Молдавија. Таа сакала да зароботи пари како келнерка во Турција, за време на летната сезона, со цел да собере пари за да студира во Кишињев. На Алина, патем тоа не и е вистинското име, и била ветена работа во еден бар и веднаш шверцерите и обезбедиле пасош и виза. Два дена потоа, таа била во Истанбул. Но, Алина, како што вели, тогаш станала затвореничка и била принудена да води секс со туристи во еден хотел во близина на Истанбул:

„Преку ден, бевме заклучени на третиот кат во куќа која беше заштитена со челични шипки на прозорците и вратите. Немавме ни телевизор ни телефон. Преку ноќ не водеа во хотел со чувари.“

Дваесет и две годишната Ангела, која не го крева погледот, пак, својата среќа сакала да ја испроба во Италија, каде што живеел некој нејзин роднина. Но, Ангела, наместо во Италија, преку Одеса, завршила во Обединетите Арапски Емирати каде што била присилена на проституција.

„Јас не сакав да работам како проститутка. Плачев и сакав да се вратам дома. Но тие ми рекоа дека ќе ме убијат и закопаат во пустината. Постојано ме тепаа.“

И Алина вели дека била тепана:

„Газдата не не тепаше, туку неговиот шофер. Некогаш не можев ни да одам.“

Јон Виздога е адвокат кој раководи со центарот за превенција на шверцот со луѓе, невладина организација во Молдавија наведува дека тоа е познат метод на криминалците.

„Овие девојки се тепани, уценувани. Тепањето се врши пред другите девојки, како дел од психолошкиот притисок врз нив.“

И Ангела и Алина се од селските средини во Молдавија, за која се смета дека е насиромашната земја во Европа. Но, така е и во Русија, Украина, Романија и Бугарија. Девојките од таму најчесто се швервуваат преку, Русија, Турција и Балканот. Дваесет и девет годишната молдавка Маријана, откако била продадена од српските шверцери, четири години минала во Македонија:

„Кога стигнавме во Македонија, се најдовме во куќа на еден полицаец. Тој купуваше девојки и ги продаваше на ноќните барови. Се викаше Аргон и беше од Тетово или од Гостивар. Сега е во затвор.“

Вели Маријана, додавајќи:

„Клиентите беа луѓе кои доаѓаа во ноќните клубови. Имаше i италијанци, германци и бугари. Не плаќаа директно, туку на газдата. Пеесет евра за час, или сто евра за подолго време.“

Маријана, Ангела и Алина, имаа среќа да избегаат. Во тоа им помогнале некои невладини организации и сега, чекор по чекор, се обидуваат да си го вратат нормалниот живот.
XS
SM
MD
LG