Достапни линкови

Законот за избор на пратеници е во согласност со Уставот


Членовите од законот за избор на пратеници што не дозволуваат пратениците во текот на еден мандат да преминуваат од една во друга политичка партија не се спротивни на Уставот како што тврдат пратениците од крилото на Љупчо Георгиевски во ВМРО-ДПМНЕ, сметаат експертите од областа на уставниот и политичкиот систем.

Според нив пратениците кои не се согласуваат со политиката на раководоството на партијата на чија листа се избрани не можат да ја сменат партијата, но тие можат во рамки на таа пратеничка група да изразуваат свое мислење поинакво од она на првите партиски луге. Ова, како што велат, следи поради специфичноста на пропорционалниот систем по кој се избираат пратениците што подразбира затворени листи во кои не може граѓаните да интервенираат:

„Значи, внатре во парламентот можат како сакаат да гласаат, бидејќи не си ја губат човечката самостојност. Второ, партиите се само медијаторот, а не се единствениот инструмент. Затоа ние велиме дека во услови на пропорционален систем, како македонскиот со затворени листи, во суштина претставничкиот мандат, за жал се трансформира во партиски мандат, значи како да ги претставуваат партиите.“

изјави Гордана Силјановска професор на Правниот факултет во Скопје.

И во ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека законското решение не е спротивно на Уставот, бидејќи граганите гласале за партија, а не за личности што е случај кога мандатите се добиваат врз основа на мнозинскиот систем:

„Сите оние коишто биле избрани во ваков систем на избирање, се гласа за политичка партија, а не за личност и би било фер да ги вратат мандатите.“

вели Александар Бичиклиски

Луѓето од крилото на Георгиевски пак сметаат дека нивната идеја е законот да се усогласи со Уставот, бидејќи како што објаснуваат уставот вели дека пратеникот е слободен во своите настапи и определба на политичката опција:

„Тоа дека партиите ги предлагаат пратениците на листа, таму тие се на листа со име и презиме, значи директно граѓаните ги бираат и ја застапуваат идејата за којашто граѓаните им ја дале довербата. Значи, не станува збор за измена на законот заради промена на политички партии, туку усогласување на законот со уставот и овозможување пратеничката функција да биде како што уставот предвидел.“

изјави Жарко Караџоски
XS
SM
MD
LG