Достапни линкови

Референдумот е сигнал за работењето на партиите


Каков и да е исходот од референдумот во врска со територијалната организација и за власта и за опозицијата, тој ќе претставува „барометар“ за нивниот легитимитет пред граѓаните, коментираат експертите. Законски санкции не се предвидени, но секако дека успешен референдум меѓу другото ќе значи оценка од граѓаните до власта за нивното работење и обратно, доколку референдумот биде неуспешен тоа секако ќе биде сигнал и за делувањето на опозицијата, изјавува доцент Тања Каракамишева од Правниот Факултет, објаснувајќи го генералното значење на исходот од референдумот:

„Не можеме тука да ја апсорбираме целата нивна моќ, ама треба да претставува некаков сигнал за тоа дали власта е на добар пат. Не можеме да кажеме дека веднаш се делигитимира, ама претставува едно средство за утврдување до каде е нивната моќ во државата,“

вели Каракамишева.

Опозиционата ВМРО ДПМНЕ, еден од учесниците во здружениот блок на партии кои го организираа референдумот, по прашањето за одговорноста и на владеачките и на опозиционите партии по граѓанското изјаснување велат:

„Ние само ја поддржуваме иницијативата на Светскиот македонски конгрес затоа што самата иницијатива е граѓанска. Интересно е што власта пробува да создаде апстиненција. Целта на сите во светот што владеат е да ги поддржат референдумите и да го проверат своето владеење.“

Од оваа партија потенцираат дека немаат за цел преку референдумот да ја делигтимираат власта, но потсетуваат на ветувањето на премиерот Костов, дека доколку референдумот биде успешен ќе си поднесе оставка.

Во владеачкиот СДСМ пак, се децидни дека одговорноста од изјаснувањето ќе ја сноси оној кој го подржува референдумот бидејќи

„Успешноста за нас, со оглед на нашата позиција и нашиот став е новиот закон да остане во сила. И за нас тоа ќе биде успешен референдум. Одговорноста за успешноста на референдумот ќе ја сноси оној што го поддржува референдумот.“

изјавува портпаролот на СДСМ Борис Кондарко.
XS
SM
MD
LG