Достапни линкови

Александар Прчевски, државен јавен обвинител на Република Македонија. Советот на обвинители ќе придонесе за намалување на влијанието на политиката


Пред неколку месеци беше усвоен новиот закон за јавното обвинителство со што се предвидува нова институција, Совет на обвинители. Кои се ингеренциите?

Јавно обвинителскиот совет, презема ингеренции и од владата и од јавниот обвинител на Република Македонија, а тоа се да може да дава позитивно мислење за именување јавни обвинители и заменици до владата, за да Владата предлага до Собранието именување на истите. Втората функција на обвинителскиот совет е што одлучува во втор степен во дисциплинска постапка и доколку падне конечна одлука за разрешување на јавен обвинител или заменик, сега не оди преку владата, туку директно одлуката ја доставува до Собранието, со барање за разрешување на јавниот обвинител или заменик кој се огрешил, што значи, нема можност, како што тоа беше до сега, владата или владеачката структура, односно извршната власт, да предложи, по свое видување, за нестручно и несовесно работење на конкретен обвинител или заменик негово разрешување.

Велите, советот презема ингеренции од владата. Колку тоа ќе придонесе за елиминирање на влијанието на политиката во работата на обвинителството?

Јас лично сум убеден дека она што беше до вчера во јавното обвинителство, веќе го немаме, не постои. Она што е денеска, или што се случува денес во обвинителството, убеден сум и оправдано се надевам дека ќе го немаме утре. Јавното обвинителство, не е патувачки театар, меѓутоа, е орган кој треба да се движи, да оди напрад, сакам да кажам, дека со новиот закон како статусни прашања, се разрешени прашањата на изборот, односно разрешувањето на јавните обвинители, кои сега се врши од редот на замениците. Значи, не може владата, од улица било кој да донесе на чело на јавното обвинителство во хиерархиската поставеност. Втората работа во тој поглед е тоа што по првиот избор на заменик јавен обвинител, замениците остануваат со доживотен мандат.

Во една прилика рековте дека има корупција во судството. Има ли обвинителни акти против некои судии и каква е состојбата во обвинителството, има ли и тука корупција?

Па, јас кога настапив јавно пред медиумите, во однос на некои прашања во судството не го исклучив и обвинителството и напоменав десетина конкретни случаи, за кои со конкретни материјални докази прикажав пред јавноста за нивното однесување и за непочитување на процесните и материјалните процеси во нивната работа. Спомнав судии, претседатели, од судот во Куманово, од судовите во Струмица и Кочани и тоа, еве после неколку месеци се потврди. Ние денес имаме веќе разрешени пет шест судии, уште толку, се водат постапки во Републичкиот судски совет, а постапки водиме и во јавното обвинителство во преткривична постапка и во истрага за неколку судии и веќе имаме две преткривични постапки за двајца јавни обвинители во овој момент.

Во јавноста имаше низа информации во врска со несреќата во која загина претседателот Борис Трајковски. До каде е сега работата на македонското обвинителство. Ќе се покрене ли обвинителен акт?

Ние час поскоро треба да сфатиме дека секој треба да го оставиме да си ја врши својата работа. Она што согласно со Уставот и Законот му е доверено, она што секој носи одговорност. За жал, не само од медиумите, туку од сите нас, иако не сме стручни, иако не знаеме за што се работи, немаме конкретни показатели, настапуваме многу шпекулативно, не во интерес на постапките што ги води обвинителството, полицијата или другите органи, па и судовите, туку напротив на штета на тие постапки, и на штета на оштетените, како во случајот со авионската несреќа на претседателот. Тој предмет е предмет како и сите други, кој бара простор и време за што се инволвирани и повеќе луѓе и институции. Претседателскиот авион паѓа во друга држава, каде имаме надлежност на друга власт, јурисдикција на друго право и дејствија кои треба да се преземат во нашата држава. Тоа зависи од сите тие аспекти и прибирањето на доказите по однос на сите тие прашања, ние имаме дел од доказите. Друг дел за кои оценуваме дека има потреба го обезбедуваме или ги обезбедуваме и се надевам за брзо ќе имаме јавно обвинителска одлука која може да биде позитивна или негативна во зависност од она што ќе го утврдиме во преткривичната постапка.

Со оглед на ова што го говорите. Дали може да се каже дека има одолговлекување на постапката за собирање на докази. Може ли да дадете временска рамка кога може да се очекува одлука од обвинителството?

Па, јас не мислам дека има одолговлекување на постапката. Велам нема, затоа што во свое соопштение за новинарите, дури кон крајот на август или почетокот на септември, госпоѓа Кресо, заменик обвинител која го водеше случајот во БИХ, кажа дека нема место за гонење. И притоа го препрати по дипломатски пат, преку МНР, до Министерстовото за правда, извештајот од истрагата што ја спроведе јавното обвинителство на БИХ. Таквиот извештај дојде до Министерството за правда. Тие имаа обврска да го достават до нас, но и доставувањето заради одморите, отсуството на министерот, доцнеше, што не е фактор повеќе за одлговлекување. После доаѓањето на извештајот, тој беше ставен на маса и разгледан. Тоа се голем број списи, мораше да се проучат и разгледаат. Од друга страна, мораше да се обезбедат и списите што беа собрани на наша територија и откако беа согледани сите тие аспекти беше побаран и извештајот на Комисијата на чие чело беше Савко Бегиќ и беше констатирано дека јавното обвинителство на БИХ треба да достави дополнително соодветен доказен материјал, како што се, нивна одлука евентуална, доколку била официјално поведена истрага. Или службена белешка, со која официјално не се поведува истрага. Материјали од видео снимките од лице место кои ги немавме со извештајот и одредени параметри околу движењето на авионот. Тие сеуште не ни се доставени. А, ако и потоа оцениме дека има потреба од некои докази, а тоа ќе ни го кажат тие околности што токму сега ги бараме ќе биде побарано и дополнително обезебдување докази и утврдување на факти. Неблагодарно е да се претпоставува дека ќе завршиме утре или за една недела. Постои голема веројатност да произлезе потреба од нови докази и факти и тоа да го пролонгира рокот за донесување на јавно обвинителска одлука. Посебно затоа што во конкретниов случај станува збор за интерес на јавноста. Иако, тоа по мое убедување е случај како и сите други случаи и за мене никогаш не било помалку важно дали ќе водиме случај за убиство во кој изгубил живот еден граѓанин кој носи титула, или не носи титула, па макар тоа бил и јавниот обвинител.

Не сметате ли дека случајот треба да има приоритет, бидејќи од една страна има различни информации, а од друга страна станува збор за случај во кој загина претседателот?

Приоритет има тој предмет, меѓутоа ако се има предвид дека јавниот обвинител и замениците се дипломирани правници и имаат оскудни познавања од областа на авио сообраќајот, тоа бара консултации и решенија што ќе бидат испоставени од стручни и квалификувани лица. За секој таков параметар, обвинителот мора да побара вешто мислење, а такви во конкретниов случај ни се потребни од повеќе различни видови вештаци. И само после тоа, бидејќи обвинителот може да гледа слики од предметот колку сака. Но, тој е стручен за една материја, не може да биде и за друга. Реално треба да ги гледаме тие работи и дозволиме тоа да се расчисти до крај, за да не останат непознаници и да не дојде во сомневање одлуката, како што шпекулираат некои новинари, дека е во магла, дека некој не работи, или слично или дека политиката влијае врз обвинителството, па ќе донесат одлука по порачка.
XS
SM
MD
LG