Достапни линкови

Верски заедници во Македонија не остануваат имуни


Драмата во која седуммината имами од Скопје го држеа во заложништво поглаварот на Исламската верска заедница, барајќи од него да им ги исплати платите, го исфрли на површина впечатокот, дека религиозните начела, кои подразбираат духовност, не се имуни на проблемите на општеството во транзиција, односно на трката по власт и свртеност кон материјални нешта. Деканот на теолошкиот факултет за исламски науки, Исмаил Барди, вели дека одговорноста за овие случувања треба да се бара во индивидуалниот човечки фактор:

„Тоа се наши деца кои таму работат. Едноставно, деца од нашиот народ, нашата држава. Нормално, понекогаш од неколку деца излегуваат разни скриени намери.“

Тој не исклучува дека верските заедници не успеваат да се изгиднат над случувањата во вкупниот општествен мозаик, без да навлегува во детали, тој кусо коментира:

„За жал, има и такви моменти. Постои тоа трчање кон власта, ама секаде постои.“

На трката за власт не е имуна ниту една верска заедница во Македонија, вели професорот Славко Сосајковски, од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Во нив, според него, можат да се препознаат слични мотиви за доаѓање на функција како во секоја општествена организација:

„Постои вистинска борба за зафаќање на што е можно подобра позиција без оглед на нивниот статус.“

Освен трката за власт на одредени претставници што ги претставуваат верските заедници, денеска им се припишува и свртеност кон други мотиви што се својствени за начинот на функционирање на реалниот свет:

„Се возат во скапи автомобили, џипови, нивните кабинети се исклучително скапо опремени, нивните резиденции исто така.“

Според отец Методи Златанов, врз случувањата во верските заедници не може да се гледа во целосна изолација од општеството кои кое тие дејствуваат, во таа смисла, тој вели:

„Се разбира духовните кризи коишто се случуваат во светот, на некој начин ја допираат и црквата, односно тој човечки фактор во црквата е оној којшто ја продуцира таа духовна или морална криза. Но, сега не можеме кризата како таква да ја поистоветуваме со целото постоење на црквата и нејзиното делување во светот.“

Отец Златанов додава:

„Вистинската мера, е како секој човек, поединечно, се бори за својот личен интегритет, па така и што се однесува до материјалните богатства, се што би кажал, без да наведам конкретни личности, би било осудување, озборување итн.“
XS
SM
MD
LG