Достапни линкови

Граѓаните недоволно знаат за што треба да се изјаснат на референдумот


Кампањите што имаат за цел да ги убедат граѓаните во еден став најчесто имаат мало влијание. Во кампањата за претстојниот референдум, карактеристично е тоа што граѓаните, како што покажуваат истражувањата на јавното мислење, не знаат доволно за прашањето за кое треба да се изјаснуваат. Оттука, посочуваат аналитичарите, оваа кампања треба да биде насочена кон запознавање на граѓаните:

„Конкретно оваа кампања е малку специфична, бидејќи е големо прашање колку всушност граѓаните се запознаени за што или против што се изјаснуваат. Праксата потврдува дека граѓаните не го знаат баш толку добро овој закон против кој би гласале доколку излезат на референдумот и заокружат „за“, како што вели кампањата. Затоа, мислам дека ако сакаме да имаме успешна кампања, таа треба да биде насочена кон запознавање на граѓаните во кој случај може да се очекува некаков ефект. Инаку, ако имате однапред определено мислење за тоа, без да се запознаете со проблемот за којшто гласате, во тој случај кампањата има навистина мало влијание. Освен, ако не се работи за предизвикување конкретни ситуации кои директно се одразуваат врз однесување на поединците, на пример, исценирање на инциденти или некои такви работи кои исто така може да бидат во состав на кампањата, неофицијални, но сепак организирани,“

изјави Емилија Симовска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања која додава:

„Премногу агресивна кампања би била, доколку инспирира нетрпеливост до таа мера, може да биде и контрапродуктивна и да го промени мислењето на гласачите.“

Од опозицијата која го поддржува референдумот, убедени се дека нивната кампања ќе има влијание врз граѓаните:

„Нашето образложение сигурни ќе влијае на гласачите, да се изјаснат за, затоа што ние ќе ги кажуваме сите оние аргументи коишто ги кажувавме, дека законот е штетен и води кон поделба на Македонија,“

вели Жарко Караџоски од крилото на Љубчо Георгиевски во ВМРО-ДПМНЕ. Во владеачките партии кои се против референдум бидејќи сметаат оти тој не е во согласност со Охридскиот договор, исто така сметаат дека ќе ги убедат граѓаните да го прифатат нивниот став и додаваат:

„На граѓаните воопшто им е јасно дека топката е префрлена од претставничката демократија, пратениците, туку донесувањето на одлука од нивна страна и затоа би било одговорно секој граѓанин да биде заинтересиран за аргументите што сите страни имаат да ги кажат, во однос на тоа за или не останување на законот од 96 година,“

изјави Каролина Ристова Астеруд од Социјалдемократскиот сојуз.
XS
SM
MD
LG