Достапни линкови

Чекор напред во оттргнување од политичките влијанија


Со реформите во јавното обвинителство и судството од една страна ќе се овозможи поефикасна борба против организираниот криминал и целовито остварување на човековите права, а од друга страна оттргнување на влијанието на политиката во работата на овие институции, велат лугето од обвинителството и судството. Веќе неколку месеци во сила е новиот закон за јавно обвинителство во кој новина е советот на обвинители кој превзема ингеренции од владата. Тоа значи дека советот ќе дава позитивно мислење за именување на јавни обвинители, а ќе има клучна улога во тоа кој обвинител поради непочување на правните норми ке биде разрешен, а не како досега кога владата предлагаше разрешување по свое видување со образложение нестручно и несовесно работење. Републичкиот јавен обвинител Александар Прчевски оценува дека со овој закон е направен голем чекор напред:

„Во однос на прашањето на одлепувањето од политичките влијанија, на било која структура, владеачка или невладеачка, овие статусни прашања кои ги разрешивме со законот гарантираат сигурност, цврстина во постапувањето и што е многу битно, лична и семејна сигурност на јавниот обвинител, затоа што се случуваше порано некој да е разрешен затоа што не му се допаѓа на некој партиски моќник.“

Советот на обвинители е составен од девет членови, од кои седум се од јавното обвинителство, а двајца ги именува владата, што значи, посочува Прчевски, составен е од компетентни лица кои ја познаваат материјата. Во судството пак потребни се реформи во Републичкиот судски совет, бидејки, како што вели Ленче Софрониевска прв човек на оваа институција, советот не е соодветно поставен:

„Мора да се формира државен орган, што ќе биде составен од истакнати правници во државата што би ги предложил или претседателот на државата или парламентот, но поголемиот број на членовите на државниот судски совет треба да биде од редот на судиите, со тоа што самите судии, со тајно гласање би ги избирале членовите на судскиот совет од нивните редови. На тој начин, политиката навистина ќе има маргинално значење во работењето на овој орган, а основната негова дејност е предлог на избор и разрешување на судии.“

Промени во оваа насока се предвидени во нацрт стратегијата за реформа на судството. Но, поради фактот што поставеноста на советот е утврдена со Уставот, потребно е да се интервенира во овој акт, затоа реализирањето на овој предлог е предвидено на среден рок или до крајот на 2005 година.
XS
SM
MD
LG