Достапни линкови

Економистите предлагаат кризен штаб и бараат конкретни мерки


Според економската теорија, ако бруто домашниот производ на една земја паѓа во две тримесечја едноподруго, тогаш економијата на таа држава е во рецесија. Последните податоци говорат дека токму тоа се случи во последните два квартали. И оттаму, фактички, и теоретски и практично македонската економија е во опаѓање.


„Рецесијата, според мое мислење, за македонското стопанство воопшто не е нов феномен. Тоа е појава којашто го следи македонското стопанство уште од 90-та година наваму“

вели економистот Душан Вељковиќ. Тој додава: фактот што надолниот тренд е долгогодишен, само ја потенцира алармантноста на потребата таа некако да се реши.


„Кога имате општа неликвидност во земјата, презадолженост, кога имате дефицит, оваа година веројатно над една милијарда долари во размената со странство – сето тоа се карактеристики на една катастрофално лоша ситуација и по мое мислење тоа е веќе знак кога владата, односно одговорните политички структури, би требало да формираат еден кризен штаб и сериозно да ги рљазгледаат состојбите во стопанството и да преземат сосема конкретни мерки“

Од ресорното министерство со став: состојбата не е толку драматична, колку што се прикажува. Точно е дека имаме пад на бруто домашниот производ и во второто тромесечке.


„Добро е тоа што падот не е голем како во првиот квартал, кога изнесуваше 3,2 проценти. Овој пат е 0,2 проценти“

вели Гоце Пачемски, портпарол на Министерството за економија. Очекувањата се дека вторите два квартала ќе ги завршиме на позитивна нула, вели тој:


„Можеби еден до два проценти пораст на економијата“

Сепак, очекувањата се едно, а реалната состојба е друго. Тоа најдобро го покажува случајот со падот на индустриското производство, кога енергијата на владата беше насочена кон докажувањето дека падот не е над 40, туку над 20 отсто.


„Па, 25 отсто негативна стапка на движење на индустриското производство – тоа е сигнал кога владата треба да си поднесе оставка“

вели Вељковиќ.

Од Министерството за економија велат – проблемот е во перцепцијата:


„Ние имаме степен на приватизација над 90 проценти. Во такви услови не можете целата вина за економската стагнација да ја префрлите на државата“
XS
SM
MD
LG