Достапни линкови

ДОБРИНКА ТАСКОВСКА, ПРОФЕСОР НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ. Македонија е на половина пат кон Европа


-
Според ваша оценка, колку Македонија е блиску или далеку од Европската Унија?


-
Во смисла на постапка, Македонија е во претпоследната фаза. Значи, апликација, прашалник, се чека мислење и се надеваме статус на кандидат, по што би требало еден ден да започнат преговори и да завршат со полноправно членство. Што се однесува до постапката и формата, некаде на половината на патот, меѓутоа, многу е побитно суштински каде е Македонија на патот до Европа и тука навистина најмногу зависи се од нас самите, во смисла колку имаме намера одвнатре да ја средиме државата.

-
Што треба да се направи за институциите да почнат да работат во таа насока?


-
Институциите се состојат од луѓе, во која и да е земја. Ако лушето кои што се во институциите не го применуваат правото, тоа останува само буква на хартија а институциите маска. Така што основниот проблем е во тоа што човечките ресурси, пред се политичките елити, но и бизнис и интелектуалните елити, не ги интернизирале вредностите коишто треба да ги прифатат и не им го даваат потребниот поттик на тие институции. Што е тука решението? Решението е тука на внатрешен план, но веројатно и поголем притисок однадвор, од Брисел, затоа што во изминатите 15 години не научија дека домашните елити не се дисциплинираат ако немаат притисок од некаде. Така што, колку понатаму одиме во тој процес, толку тој притисок ќе расте и институциите ќе мораат да профункционираат.

-
Дали тоа значи дека притисокот однадвор е единственото нешто за институциите да профункционираат во насока на имплементација на правото?


-
Ќе биде тажно ако е единственото. Се надевам дека не е. Внатрешниот процес е многу подолг. Гледаме дека одвнатре многу тешко оди тој процес. Се надеваме дека полека ќе се менува , меѓутоа, очигледно е дека повеќе функционира кога постои притисок однадвор.

-
До Македонија беше доставен и прашалникот, лично од претседателот на Европската Комисија Романо Проди. Сметате ли дека нашите институции имаат капцитет да одговорат на прашањата што ни се доставени?


-
Морам да го преформулирам одговорот. Ќе мораат. Како што знаат и умеат, ама ќе мораат. Ќе мораат да бараат експертска помош, ќе мораат самите да запнат. Едноставно – мораат.

-
Кој се треба да биде вклучен?


-
Најголем број од министерствата, иако, нормално, постојат клучни сектори – економија, трговија, полиција, судство. Меѓутоа, сите ќе мораат и сите ќе бидат вклучени.

-
Дали можеби треба поголема помош од експертите и од невладиниот сектор?


-
Верувам дека владата ќе се обиде да собере експертска помош, ќе се обиде да комуницира и да ги ангажира посебно експерите, а како ќе изгледа тоа, не можам да кажам во моментот – колку ќе биде експертско, колку административно, бирократско.

-
Можно ли е да не се дадат одговорите во предвидениот рок?


-
Ќе мора да се дадат. Ако можеше Хрватска да го направи тоа, мораме и ние. Да ве потсетам: Хрватска аплицираше во февруари, за два месеци го доби прашалникот, а во октомври ги имаше комплетно доставено одговорите, а потоа, наредниот февруари, доби статус на кандидат.

-
Кога моѓе да ја видиме Македонија како членка на Европската Унија, со оглед на проценките дека кај нас побавно ќе оди процесот на постигнување стндарди?


-
Што мисли Европската Унија најдиректно ќе дознаеме кога ќе го објави идниот буџет за 2007 и понатаму, затоа што ако тука се предвидени средства за понатамошно проширување, можеме индиректно да видиме што планираат. Неблагодарно е да се прогнозира. Различни се проценките на политичарите од оние на експертите. Бугарија и Романија и Хрватска можеби во 2007-та, се уште тоа не е прецизно. Но, Турција преговори да, но членство многу подоцна. А земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и Македонија, меѓу 2010 и 2015 година.

-
Македонија е пред референдум. Меѓународната заедница најчесто знае да каже во таа насока дека едноставно е потребна имплементација на Рамковниот договор, децентрализацијата. Колку реално референдумот може да го забави патот на Македонија кон евроатланските интеграции?


- Пред се, други меѓународни фактори можеби имале поинакви ставови, но Европската Унија не го постигна договорот онаков каков што сега се напаѓа и оспорува на референдум. Тоа беше работа на нашите политичари. Европјаните не ни кажаа дека Струга и Кичево со механички прилив мора да бидат со такво население. Откако нашите политичари го постигнаа таквиот договор, со кој не се согласи огромен број граѓани во Македонија, не само Македонци, таа едноставно го прифати како пат кон стабилноста. Ако политичарите се договориле, тоа е едноставно пат кон стабилноста, иако тие се свесни дека многу европски критериуми не се задоволени, затоа што пред се е земен етничкиот критерум, што во суштина е и спротивен на Рамковниот договор затоа што тој бара интеракција и живот заедно, а не паралелен живот. Меѓутоа, соочени со стравот од нестабилност, се внимателни кон референдумот иако се свесни дека тоа е демократско право. Мојата проценка е дека суштината е референдумот да се одвива мирно и демократски, а резултатите од референдумот Европската унија мора да ги прифати и ќе ги прифати. Не би требало граѓаните да се плашат со тоа дека референдумот ја забавува нашата евроинтеграција и тоа да биде причина за неизлегување. Точно е дека начинот на којшто ќе се одвива референдумот ќе влијае врз патот кон евроинтеграцијата. Меѓутоа, сепак е тоа демократско право и изјаснување. Проблемот е кај елитите што го водеа многу чудно процесот на договарање. Европската Унија по завршувањето на референдумот, ако се одвива на мирен и демократски начин, ако не е етнички обоен и ако во преден план излезат вистинските аргументи коишто се на страната на оние кои се залагаат за референдум, тогаш работите нема да бидат негативни за Македонија. Затоа и европските политичари се многу внимателни во проценката. Нема да чуете автоматски дека тоа е недозволено, затоа што се свесни колку работите се деликатни и колку референдумот и во нивните земји е начин на решавање на проблемите.
XS
SM
MD
LG