Достапни линкови

Не постои стратегија за реформа на високото образование во Македонија


На почетокот на новата академска година проблемите сврзани со високото образование продолжуваат да се лоцираат во бавниот од на реформите, односно неусогласеноста меѓу високообразовните институции во прилагодувањето и достигнувањето на современите стандарди. Во лоцирањето на причините проректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Зоран Велковски оценува дека и покрај тоа што Македонија е потписничка на Болоњската декларација и другите меѓународни акти, во високото образование се уште не постои стратегија за развој на овој систем:


„Го загатнавте практично најгорливото прашање – стратегија. Во тек на изработка се сега и се надевам дека сега нема да се случи овие документи да важат додека важи моменталната гарнитура на власт“

Владимир Милчин, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и извршен директор на Институтот Отворено општество вели дека е погрешна тезата што се употребува во јавноста дека главна сопирачка на реформите во високото образование е политиката


„Не можам ниту себеси ниту моите колеги да се изземам од одговорноста за бавните реформи. Мислам дека многу отпори на било какви обиди нешто да се измени, доаѓаа од кај нас. Така што мислам дека можеме само да си се лажеме ако кажеме дека политиката и политичарите ни се виновни за се. Да не заборавиме една битна работа – нема влада во Македонија во која барем една третина од министрите не биле од Универзитетот“

Професорот Осман Кадриу од Педагошкиот факултет во Скопје и професор на Правниот факултет на универзитетот во Тетово вели:


„Подготвуваме соодветни програми, меѓутоа, се уште не можеме да зборуваме во вистинска смисла на зборот дека ние ги имаме тие стандарди де факто. Се уште тие стандарди не се применуваат.

Тој додава:


„Мораме ние отворено да кажеме и да го отвориме прашањето дали имаме квалитетно образование, дали сите наши кадри се компетентни, дали секој може да биде професор на факултет“

Според професорот Велковски, во високото образование допрва претстојат процеси кои меѓу другото предвидуваат


„цела низа разговори во високообразовните институции во Република Македонија. И да се знае: од денеска натаму почнуваме да работиме на тие и тие оперативни задачи кои бездруго дека треба да бидат изработени. Тоа нема да биде кабинетска работа во целосна координација со сите високообразовни институции во Република Македонија“
XS
SM
MD
LG