Достапни линкови

logo-print

Клучна цел - исполнувањето на Рамковниот договор


Доколку сака да биде дел од ЕВропа и од НАТО, Македонија мора да ја разбере пораката дека Рамковниот договор кој ја предвидува децентрализацијата и оттаму Законот за територијална организација според кој таа треба да се спроведе, се услови без кои не се може. Ова и претходно, но вчера во Скопје на високо ниво беше формулирано како став на Брисел и на Вашингтон во врска со референдумот. За Европа, тоа е чекор назад:


„Ова е јасно одлучувачки момент кога треба да се одлучите дали сакате да се насочите кон иднината која ве води во Европа, или пак ќе направите ќекор наназад и ќе се фокусирате на минатото“

изјави претседателот на Европската Комисија Романо Проди откако го врачи прашалникот според кој Европа треба да оцени дали Македонија може да добие статус на земја кандидат како што тоа го побара во Даблин пред шест месеци.

Позицијата на Стејт департментот ја потврди во Скопје државниот потсекретар за политички прашања Марк Гросман, откако американскиот амбасадор Лоренс Батлер рече дека позитивното изјаснување на референдумот ќе ја одложи поканата за членство во НАТО:


„Мислам дека прашањето на референдумот е прашање на тајминг. Прашањето е колку брзо сакате да се движите. Моето чувство е дека Македонија сака брзо да се приближува кон НАТО и Европската Унија“

Гросман и со порака до опозицијата по реакциите за изјавите на нивниот амбасадор:


„Амбасадорот Батлер е претставник на претседателот на САД во Македонија. Ние во потполност го поддржуваме него и неговата мисија во Македонија“

Сепак, незадоволството на опозицијата беше пренесено:


„Неприфатливо е што одредени дипломати оние што го поддржуваат Рамковниот договор ги квалификуваат како противници на Европската Унија, на НАТО, на Рамковниот договор, на Албанците“

изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по разговорот со Романо Проди. Во меѓувреме, владејачката гарнитура препораките од меѓународните претставници ги доживува како добронамерни совети. Тезата дека тие претставуваат мешање во нашите внатрешни работи е апсурдна, оцени неделава претседателот Бранко Црвенковски:


„За земја која дефинирала дека највисок стратешки интерес е зачленувањето во Европската унија и НАТО, ова е една од најапсурдните тези. Се поставува прашањето кој кому сака да пристапи и кој кому треба да се прилагоди“
XS
SM
MD
LG