Достапни линкови

Буш и Кери за надворешната политика


Американскиот претседател Џорџ Буш и неговиот предизвикувач во трката за Белата Куќа, сенаторот Џон Кери, се соочија на првата од трите предвидени предизборни дебати. Тема беше надворешната политика, и повеќе од час, од предвидените деведесет минути, беа посветени на војната во Ирак. Ваквите дебати се сметаат за решавачки за определувањето на милиони американски гласачи на претседателските избори, на втори идниот месец.

Темата на првата дебата беше јасна од почетокот и расположението беше борбено. Буш и Кери се судрија околу нивните ставови за американската интервенција во Ирак и за тоа кој би можело да ја води земјата во овие опасни времиња. Кери постојано го обвинуваше Буш дека бил за воено решение, а не и за дипломатско неутрализирање на ирачкиот претседател Садам Хусеин. Буш пак, од своја страна го бранеше неговото уверување дека Ирак е централен фронт во војната против меѓународниот тероризам. Буш го обвини Кери дека постојано ја менува својата позиција за ова прашање, односно дека најпрвин во Сенатот гласал за употреба на сила против Ирак и оти потоа таа војна ја оценил за погрешна. Одговорајќи дека тој гласал за употреба на сила само доколку таа беше потребна Кери го обвини Буш за промена на неговите позиции:



Тој одржа говор во кој рече: Ќе испланираме внимателно, ќе дејствуваме претпазливо и војната нема да биде неизбежна. Во неа ќе одиме со нашите сојузници. Тој не направи ништо од овие работи.

Изјави Кери, додавајќи дека деведесет насто од жртвите во Ирак се американци, и оти таа војна ги оптовори даночните обврзници за деведесет проценти. Ваквото негово тврдење, според Буш, ги демобилизира американските сили во Ирак и ги одвратува другите земји да земат учество во смирувањето на тамошната ситуација.



Тој вели дека клучно во неговиот план за успех во Ирак е повикот до другите нации да земат учество. Значи каква ќе биде пораката? Придружете ни се во погрешна војна, на погрешно место и во погрешно време.

На дебатата Буш и Кери искажаа различни ставови и во врска со Русија. Актуелниот претседател јавно соопшти дека Путин е негов пријател и силен сојузник во војната против меѓународниот тероризам, но изрази загриженост за, како што рече, балансот на демократијата во Русија.




Му го кажав на Путин моето мислење. Ќе дискутираме за тоа и во иднина. Русија е земја во транзиција. Владимир ќе треба да донесе тешки одлуки и мислам дека е многу важно американскиот претседател и другите западни лидери да го потсетат на големите придобивки на демоктратијата.

Кери пак изјави дека се противи на објаснувањето на Путин дека ја зацврстува политичката контрола само како одговор на чеченскиот терор.



Жалам за она што се случи во Русија во изминативе месеци и мислам дека тоа не е само одговор на теророт. Путин сега ги контролира сите телевизиски станици, а неговиот политички опонент е во затвор. За Соединетите Држави е многу важно да работи на добрите односи со Русија, но ние исто така, треба да бидеме на страната на демократијата.

Рече Кери кој се заложи и за директни разговори на Соединетите Држави со Северна Кореа околу нејзината нуклеарна програма. Тоа, според Буш, е неприфатливо, и оти е за продолжување на повеќестраните разговори во кои се вклучeни и тамошните регионални сили. Буш и Кери повторно ќе се соочат на осми и на тринаесетти октомври.
XS
SM
MD
LG