Достапни линкови

Можни ли се избори во јануари на целата територија?


Американските сили во Ирак во текот на изминатата ноќ и денеска извршиле серија воздушни напади врз Фалуџа и врз багдадскиот кварт Садр сити. Се прецизира дека станува збор за упоришта на приврзаниците на сојузникот на Ал Каида во Ирак Абу Муса ал Заркави за кои се верува дека се одговорни за повеќето самоубиствени напади и за киднапирање на странски државјани во таа земја. Најновите борби го покренаа прашањето дали изборите, планирани за јануари идната година, ќе можат да се одржат на целата територија на Ирак.

Во последните воздушни напади, како што јавуваат агенциите, повикувајќи се на американски воени извори, имало многумина убиени ирачки милитанти и оти биле уништени зградите за кои се сметало дека претставувале упоришта на, како што се наведува, главниот оперативец на Ал Каида во Ирак Абу Муса ал Заркави. Американските сили во изминативе денови континуирано бомбардираат неколку градови во таканаречниот сунитски триаголник, но и шиитското багдадско предградие Садр сити. Ова го потврди и американскиот државен секретар Колин Пауел кој изјави дека борбите меѓу американските сили и ирачките бунтовници се влошуваат. Според него, милитантите сакаат да го попречат одржувањето на изборите, планирани за јануари идната година.


Во Сунитски триаголник постои проблем, но и во некои делови на Багдад и во Садр Сити. Она што е јасно е дека ирачаните сакаат да гласаат и ние треба да им ја обезбедиме таа можност. Ние не можеме да седиме на страна и да им препуштиме на бунтовниците да им го оневозможат тоа.

вели американскиот државен секретар Колин Пауел кој призна дека некои делови во Централен Ирак не се под контрола на сојузничките сили што може да доведе таму, да не бидат одржани изборите, предвидени за јануари идната година. Во контекст на ситуацијата пред изборите е и изјавата на главниот командант на американските сили генерал Џон Абизајд во која, меѓу другото, вели:


Немаме илузии дека целата земја е стабилна и немаме илузии дека целата земја е опасна. Не мислам дека ќе постигнеме перфекција во некои зони.

Генерал Абизајд очекува дополнителни насилства како што ќе се приближува датумот за одржување на изборите. Ваквите изјави во Соединетите Држави покренаа низа прашања за тоа дали политиката на администрацијата на претседателот Џорџ Буш за демократизација на Ирак е ефективна. Тие посебно стануваат галсни во кампањата на двајцата кандидати во трката за Белата Куќа. Имено, додека претседателот Џорџ Буш тврди дека е постигнат напредок во напорите за демократизација на Ирак, сенаторот Џон Кери постојано го критикува дека тој и неговата администрација ги минимизираат тешкотиите со кои се соочуваат во таа земја.
XS
SM
MD
LG