Достапни линкови

Силјан Аврамовски, министер за внатрешни работи на Македонија. Безбедносната состојба во Македонија е стабилна


Се почесто сме сведоци на напади врз припадници на полицијата, голем број разбојништва и слично. На што се должи ова?

По конфликтниот период, како и веќе подолго време наталожените социјално-економски состојби, на територијата на целата држава се присутни тешки кривични дела. Така, врз основа на аналитичките согледувања на службите во Министерството, во врска со состојбуте кај разбојништвата, во текот на изминатите неколку години е констатиран континуиран пораст, кој е најизразен во текот на 2002 година. Регистрирано е зголемување на овие дела 0д 76,7 проценти ја потврдува констатацијата дека овој вид насилнички криминал е рецидив од вооружениот конфликт и прекумерно акумулираното оружје на нашите простори. Со оглед дека насилничкиот криминал претставува посебен безбедносен проблем за сигурноста и личната безбедност на граѓаните и предизвикува вознемиреност кај нив, приоритет во работењето на полицијата претставува спречувањето и откривањето на овој вид криминалци. Што се однесува до случаите на големиот број напади врз припадниците на полицијата, според оценките, истите претставуваат реална последица на засилените мерки од полицијата против криминалните групи и поединци, односно стеснување на просторот за нивното криминално делување.

Кои се активностите кои ги презема Министерството за надминување, конкретно, на оваа состојба?

Во насока на превенцијата и зголемување на степенот на ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела, максимално е зголемена мобилноста на оперативниот и полицискиот состав на Министерството, со преземање организирани активности, како и засилено оперативно физичко покривање на локациите каде најчесто се вршат овој вид на кривични дела. Истовремено, во насока на заштита на безбедноста на припадниците на полицијата, се преземаат интензивни активности за подигнување на нивото на безбедноста во извршувањето на опертативните задачи, а во тие рамки посебен акцент е ставен на употребата на заштитна опрема, како и на соодветно законско активирање на средствата за присила и огнено оружје.

До каде се реформите во полицијата, што подразбира нејзините припадници поефикасно да одговорат на сите видови организирал криминал како трговија со луѓе, дрога и слично?

Во моментов, реформите во Министерството се наоѓаат во втората фаза и сега почнува третата фаза за имплементирање на оперативниот план за спроведување на реформите. Имено, во делот на процесуирање на организираниот криминал, во рамките на Министерството се прават радикални структурни промени. Во тој дел се формира оддел за организиран криминал, којшто ќе се бави со проблемите на сите посовремени и посложени облици на криминалитетот. Во рамките на тој оддел, ќе функционира одделение, односно еден сектор за криминбалистичко-разузнавачка анализа, кој ќе ги собира сите податоци добиени од оперативните служби. Во одделот ќе има и една меѓуминистерска канцеларија во која ќе членуваат претставници од другите министерства и државни институции, со цел да се добие поефикасна размена на информации.

Кога се очекува да започне со работа оваа специјализирана канцеларија?

Според нашите проценки и она што на некој начин е содржано во акциониот план, ние очекуваме во јануари да почнеме со имплементирање на реформите во полицијата.

Министерството постепено ја презема одговорноста за обезбедување на границите. Една оценка: дали се тие безбедни, намален ли е бројот на илегални премини?

Со преземањето на границата и граничниот појас кон Република Грција од страна на Одделот за гранична полиција при МВР, континуирано се спроведува засилена контрола на овој дел од државната граница. На овој дел од границата во изминатите четири месеци, на границата кон Грција се откриени 106 илегални преминувања, а спречени се 64 обиди за илегално минување на границата, односно евидентно е намалувањето на бројот на таквите случаи. Инаку, од почетокот на годината досега, вкупниот број на регистрирани илегални преминувања изнесува 810, а во истиот период е спречен 291 обид за илегално преминување на границата.

Ваша оценка за безбедносната состојба во земјата, во контекст на претстојниот референдум?

Актуелната безбедносна состојба во Република Македонија е стабилна и според проценките на Министерството за внатрешни работи присутните безбедносни индикатори немаат капацитет за нејзина дестабилизација. Се преземаат мерки за континуирано следење и спречување на појавите и факторите кои претставуваат потенцијална опасност за загрозување на безбедноста, а на овој план се остварува соработка со странските безбедносни служби и меѓународните организации. Во врска со претстојниот референдум, МВР ќе презема плански и организирани активности во насока на безбедно одвивање на целиот процес и овозможување граѓаните да одлучуваат во фер и демократска атмосфера.

Кога станува збор за киднапираните лица за време на конфликтот во 2001-та година, има низа обвинувања на адреса на Министерството дека има информации, меѓутоа тие не се достапни за јавноста. Има ли информации и воопшто до каде се активностите?

Министерството во врска со проблемот на исчезнатите лица има одредени информации и континуирано презема мерки и активности за нивно проверување. Во Министерството е формирана специјална група која ја испитува валидноста на тие информации. И со оглед на тоа дека располагаме со голем број на анонимни јавувања и достави, работната група задолжена за испитување на тие наоди, интензивно работи на испитување на тие околности.

Кога може нивните роднини и јавноста да очекуваат некаква информација?

Мислам дека целиот процес е тргнат, особено со пронаоѓањето на четирите тела во Јама, но сеуште не може да се прецизира кога ќе бидат откриени причините за нивната смрт, како и сторителите.

Кога граѓаните ќе можат да добијат нови патни исправи со подобрен квалитет, што е еден од условите за либерализација на визниот режим?

Во Министерството се интензивирани активностите и веќе се направени конкретни чекори за реализирање на овој проект. Активностите се одвиваат со засилена динамика и имајќи ги предвид вообичаените законски процедури, се очекува до крајот на оваа и почетокот на идната година се очекува да биде избран изведувач на проектот за изработка на нови патни исправи и да се склучи договор со него. Првите пасоши би требало да бидат издадени во рок од една година по склучувањето на договорот.
XS
SM
MD
LG