Достапни линкови

Обид за намалување на сиромаштијата во светот


Повеќе од пеесет светски лидери се состанаа во рамките на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, во обид да ги интензивираат напорите за намалување на сиромаштијата во светот. Се проценува дека околу две милијарди и осумстотини милиони луѓе, или скоро четириесет и четири проценти од светската популација живее со помалку од еден долар дневно.

Заложбата за борба против сиромаштијата во светот е обновена откако пред извесно време Обединетите Нации признаа дека не ќе може да се постигне поставената цел, преполовување на овој проблем до две илјади и петнаесетата година. До состанокот во Њујорк дојде по иницијатива на бразилскиот претседател Лула да Силва:

„Никогаш да не заборавиме дека гладта е најсвирепото од сите оружја за масовно уништување. Таа продолжува да убива дваесет и четири илјади луѓе дневно и единаесет деца секоја минута. Предизвиците се големи, а ние се уште немаме решение.“

Изјави да Силва, на состанокот со единствена цел да се сврти вниманието кон Декларацијата на Обединетите Нации за намалување на сиромаштијата, со посебен акцент врз развојот на децата. Како причина за неспроведувањето на оваа програма, според Светската организација, е недостигот на финансиски средства во висина од околу пеесет милијарди долари. Освен тоа, во извештајот на Обединетите Нации се наведува дека постојано се зголемува и јазот меѓу најбогатите и најсиромашните земји.

„Премногу луѓе, особено во земјите во развој, чувствуваат дека се исклучени и оти се загрозени од глобализацијата. Тие чувствуваат дека се слуги на пазарот.“

Вели генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан. Бразилскиот претседател Лула да Силва како конкретна мерка за обезбедување пари за програмите за намалување на сиромаштијата предложи воведување посебен данок за меѓународните финаниски трансакции. Ваквиот негов предлог беше поддржан од францускиот претседатател Жак Ширак. Сепак, во Њујорк не беа договорени никакви нови чекори, па експертите се прашуваат дали тоа значи дека станува збор за уште една дебатна сесија, дизајнирана со цел учесниците на неа да си ја намалат грижата на совеста во врска со овој најголем светски проблем.
XS
SM
MD
LG