Достапни линкови

Во последнава година Македонија не се помрднала во подобрувањето на инвестиционата клима


Македонија има многу процедури за започнување нов бизнис, покажува последниот извештај за деловно работење на Светската банка и меѓународната финансиска корорација ИЕЦ. Станува збор за студија, која практично ги анализира реформските капацитети за подобрување на инвестиционата клима во 145 држави во светот. Како параметри, се земени, на пример, времето потребно за регистрирање на фирма, бројот на административните процедури или цената на чинењето на целата постапка. Во таа смисла податоците за Македонија се дека за започнување на нов бизнис ви се потребни 48 дена, во кој просечно треба да се завршат 13-те административни процедури. Тоа чини околу 230 долари. Овие податоци се важни. Тие говорат колку бизнисот во една земја е оптеретен со бирократија, нивното подобрување пак, влијае врз економскиот раст на државата, појаснува магистар Ивица Боцевски, од центарот за јавна политика и менаџмент:

,,Колку се појасно дефинирани сопственичките права и бизнис процедурите, толку има подобра клима за малите и за средните претпријатија тие претставуваат основа за покрупен прогрес во една држава. Тоа всушност ќе претставува добар сигнал и за странските инвеститори. Доколку бизнисите намирисаат дека во Република Македонија е лесно да се отвори бизнис, да се занимава со бизнис, тогаш секако дека тоа ќе се одрази и врз нивната подготвеност да инвестираат.”

Со оглед на тоа што податоците за Македонија во извештаите од годинава и лани се слични, се поставува прашањето дали земјава не направила ништо во насока на подобрување на инвестиционата клима. Според министерството за економија, легислативата, односно клучниот закон за трговски односи се донесени. Портпаролот Гоце Пачемски појаснува:

,,Меѓутоа, за да станат оперативни сите тие законски одредби, потребно е измена и на други прописи и закони кои директно не ги предлага министерството за економија.”

Станува збор на пример за промени во надлежностите за регистрирање на фирмите, што согласно реформите од сусдтвото треба да поминат во надлежност на централниот регистар

,,Затоа што судот е претрпан со други работи и не можеме ние и регистрацијата на фирмите да му ја дадеме,”

вели Пачемски.

Во меѓувреме, анализата на Светската банка покажува дека последнава година, богатите земји преземаат три пати повеќе инвестициони реформи од сиромшните, затоа што се работи за генерален тренд, кој секаде е присутен, вели Боцевски:

,,Генералниот тренд е да се намалат административните процедури. Во тој генерален тренд Република Македонија мора да земе удел.”
XS
SM
MD
LG