Достапни линкови

Стевчо Јакимовски, министер за економија. Забележаниот пат на индустриското производство е искривена статистичка слика


Господине Јакимовски на половина од мандатот на владата, како ја оценувате економската состојба во државава?

Секако дека економската состојба во државата е тешка. Ова што се случува секако е резултат на повеќе децениски напластени проблеми во економијата на Република Македонија. Не смееме да заборавиме дека македонската економија го загуби 23 милионскиот југословенски пазар, не смееме да заборавиме дека во опкружувњаето имаше војни. Од друга страна, загинувањето на претседателот, претседателските избори, струшките настани, си имаат негативно влијание врз имиџот на земјата и мислам дека сето тоа има придонес за амбиентот и имиџот на Република Македонија пред странските инвеститори.

Но, сепак годинава се најавуваше како година на економски пресврт. Година на намалување на невработеноста. Но, бројките се токму спротивни. До кога слабите резултати во економијата ќе се правдаат со политичките случувања? Беа ли реални очекувањата и најавите?

Нашите очекувања беа дека рудниците ќе ги продадеме до април месец, дека топилницата ќе има побрзо разрешување, дека најголем дел од загубарите ќе ги завршиме до април месец. Меѓутоа, како што видовте немаме соодветни купувачи, некаде отвораме и по четврти и петти пат тендер. И сето тоа има негативно влијание врз економијата. Сите претпријатија треба да вработат во просек од 300 до 1000 луѓе. Тоа е голема бројка и многу значи, особено за местата надвор од Скопје. Сметам дека до крајот на годинава ние ќе успееме ова да го завршиме, да ги продадеме сите претпријатија и новите газди да очекуваме да ги рестартираат претпријатијата. И мислам дека сосема објективно е една година загубена, меѓутоа состојбите се такви какви што очекувавме.

Наспроти засилените најави дека 2004 година, меѓу другото ќе биде и година на странски инвестиции, колку се задоволувачки резултатите?

Што се однесува до инвестициите, од одоговорот на премиерот на 1-ви ноември 2003 година, до денес има преку 120 милиони долари инвестиции и очекуваме дека таа бројка до крајот на годината ќе видиме дали ќе може да се исполни. Но, во секој случај е повеќе во однос на претходната 2003 година.

Зошто тогаш критики на сметка на владата?

Добро, не можеме да бидеме задоволни. Секако, за да ја дигнеме македонската економија, ни требаат милијарди. И рекетот и корупцијата што беше присутна при купувањето на фирмите, сето тоа си остави имиџ дека ова е земја во која тешко може да се влезе, да се купи претпријатие, без какви и да е шпекулативни манипулации и секако дека и тие траги си имаат свое влијание врз инветиционите можности во државата.

Се случија многу контроверзии околу падот на индустриското производство. Која е вистината во врска со ова?

Реалната вистина е дека имаме методологија којашто несоодвествува со вистинската состојба на стопанството во република македонија. Којашто фактот, на индустриските капацитети во којшто е опфатен го менува на пет години, а нашето стопанство е многу подинамично. Како што гледате, набрзина се отвораат и затвораат капацитети и вие знаете дека пред пет години колку претпријатија работеле, а денеска колку не работат и тоа да не се ажурира, односно да не се менува таа структура, секако дека ќе даде искривена слика. Стручни лица направија комплетна експертиза во тој дел, заклучија дека во одредени делови, моделот е нерепрезентативен, дава искривена слика и нивно стручно мислење е дека падот на индустриското производство е меѓу 1,7 и 2,2 насто. Значи, сакам да потенцирам, тоа не го пресмета министерстовот за економија, ниту финансии, туку тоа се експерти и категорички тврдат дека падот е едноцифрен. А, тој пад е секако како резултат на затворање на 40 големи загубари што го направивме лани, односно затворање на оние претпријатија коишто создаваа 3,5 насто загуби во БДП и коишто секако дека направија голем удар врз падот на индустриското производство. Но, и во една таква ситуација, експертите тврдат дека сме многу блиску до нулата и очекуваме дека до крајот на годината ќе се нормализира целата состојба.

Меѓународните институции и експертите констатираат дека во Македонија владеее корупција, сива економија. Што презема министерството во оваа насока?

Верувајте тешко се враќа државата во нормални рамки. Македонија е на прво место по сивата економија во југо источна Европа, со 45 насто. Криминалот не е на така високо ниво, помал е, во однос на сивата економија. И инерцијата што е тргната ни треба многу време, и има големи отпори за враќање на државата на едно оптимално ниво.

За справување со ваквата состојба, деновиве се случи динамична акција за затворање на објектите кои се нефискализирани. Дел од експертите ја оценија како против уставна. Кој е вашиот одговор?

Мислам дека е крајно некоректно и неодговорно за напорите што ги прави Министерството за кономија и раководството на министерството за економија, за спроведување на силни и ефикасни мерки за намалување на сивата економија, кои ни случајно не се противуставни. Од едноставна причина што се работи за управни мерки и странките имаат право на жалба, којашто не го одлага извршувањето, затоа што прекршоците се повеќе од очигледни. И во една таква ситуација се гледаат ефектите од фискализацијата. Ние имаме преку 200 – 300 пријави од граѓани и се воспоставува ред.

Но, сепак критиките се во насока дека акцијата во западна Македонија е со слаби резултати, наспроти бројката на затворени објекти во другите делови?

Апсолутно не е точно. Пазарниот инспекторат функционира еднакво на сите делови од Република Македонија. Прво, се обидуваа да ни кажат дека не одиме во западна Македонија, па кога видоа дека одиме, почнаа да велат дека сме селективни. Точно е дека сме селективни, ги затвораме оние што не издаваат фискални сметки. И во најголем дел тоа е по пријави на сами граѓани. Ова не е прашање на прибирање данок, ова е главно прашање, за обезбедување еднакви услови за стопанистување на пазарот на сите.

Деновиве актуелна тема е и прашањето за утврдување на сопственоста на гасоводот што предизвика различни толкувања меѓу вас и премиерот Костов. Како ќе ја решите ситуацијата во врска со ова прашање?

Ние сме договорени да одиме со двата предлога на влада, владата ќе реши и сосема легитимно право на министерството за економија е да даде аргументи во носењето квалитетни одлуки на владата. И нормално, дека ние како министерство сме должни, премиерот нормално не може да биде експерт за сите делови, од владата, затоа постоиме ние како министерства, за да дадеме што е можно поквалитетни аргументи при носењето на одлуките.

И сосема на крајот, со оглед на деновиве засилените информации во јавноста, имате ли амбиции да се вратите во градоначалничката фотеља, но овој пат како прв човек на Скопје?

Евидентно дека резултатите коишто беа постигнати од моето три годишно работење во општина Карпош оставаат траги. Евидентно е дека таму имаше инзвонредни резултати. Градоначалничката функција е таква, извршна. По усвојувањето на програмата од страна на Советот, градоначалникот има полна слобода, доколку е креативен и знае да затвори финансиска конструкција да направи работи во корист на граѓаните. Интересно е што со градоначалничката функција им правев само добри работи на луѓето, и тие ме паметат само по добро, додека како министер, вие сте должни да спроведувате закон, а тој закон, секако ако немало потреба да се носи закон, немало причина да се носат законите. Тоа се различни функции. Но, сепак мислам дека тоа не е моја лична работа, тоа е работа на коалицијата „За Македонија Заедно“ и таа ќе си одлучи.

Што значи тоа, ќе биде ли земен предвид и вашиот став?

Повторувам, тоа е работа на коалицијата и јас немам причина да бидам против некого кој ќе биде кандидиран или поддржан.
XS
SM
MD
LG