Достапни линкови

Расправа за доверба на владата


Опозицијата со низа аргументи поради кои што покрена иницијатива за гласање за недоверба на владата:

„Прво, економската состојба е катастрофална. Од она што се вети, ништо не се оствари, па дури ниту десет насто од она што се вети, зборувам во делот на економската програма. Имаше програма кајшто се ветуваше вработување, на еден член од семејството. Наспроти тоа, во Македонија се случи, бројката на невработени, да расте, да се дојде до 400 илјади невработени. Еден од аргументите е и безбедносната состојба. Во Македонија цути криминалот, цути корупцијата, ништо не е направено. Во делот на територијалната организација, сметаме дека владата поради тоа што не го слуша гласот на народот, се затвора во тесни коалициони кругови и носи закони на штета на цела Република Македонија,“

изјави Жарко Караџоски еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ја поднесоа интерпелацијата кој додава дека доколку владата исполнела барем 10 проценти од ветеното немало да се соочи со ваква иницијатива.

Пратениците од владеачкиот социјалдемократски сојуз велат дека владата воглавно ги остварува програмските цели. При што како успешно го посочуваат стабилизирањето на безбедноста состојба во земјава, а пропустите ги гледаат на економски план. Но, тие сметаат дека опозицијата не дава доволно аргументи за лошото функционирање на владата:

„Мислам дека тоа е злоупотреба на институтот изгласување недоверба, односно барањето за такво нешто, бидејќи барањето содржи само обвинувања или некакви паушални оценки и констатации, без да се наведат аргументите за некоја од нив,“

вели пратеничката Каролина Ристова Астеруд. Фактите пак говорат дека во земјава од многуте иницијативи за интерпелација за носители на јавни функции, како и оние за гласање за доверба на владата досега успешна беше само онаа кога во 1992 година беше изгласана недевоерба на првата техничка влада на независна Македонија. Експертите сметаат дека иницијаторите на интерпелациите најчесто на нив гледаат како можност опозицијата да ги искаже своите критики на адреса на владата, отколку вистинска контрола на владата. Рената Дескоска доцент по политички систем од Правниот факултет вели дека за да успее некоја интерпелација потребни се повеќе работи:

„Контролата на владата не се врши само преку политичката, туку и преку правната одговорност и преку моралната одговорност на министрите. Кога ќе се достигне политичка култура на тој степен во Македонија, и кога ќе се постигне комплементарност на сите три вида одговорност, тогаш може да очекуваме и посериозно сфаќање и дејствување на интерпелацијата или моментот на гласање за доверба на владата.“
XS
SM
MD
LG