Достапни линкови

Интерпелациите можност за укажување на состојбите


Во догледно време, како и досега, сите интерпелации за носители на јавни функции, како и оние со кои што се бара пратениците да гласаат за недоверба на владата ќе доживеат неуспех, велат некои од пратениците. А на Собранието и пратениците покрај пратеничкото прашање, најсилното оружје во рацете им е поднесување интерпелација и барањето да се гласа за доверба на владата. Причната за неуспехот на овие иницијативи е што самите подносители најчесто имаат цел само да актуелизираат некои прашања, а и распоредот на силите на политичката сцена е таков што не може да се изгласа недоверба.

„Во Македонија тоа не може да се случи, единствено ако се случи ниту една од покрупните политички партии да нема мнозинство, и луѓето, односно пратениците, да гледаат само низ призма на тоа, дали владата ги реализира законите онака како што Собранието зацртало, а не дали владата е моја и припаѓа на мојата политичка партија.“
„Не е целта да се изгласа недовреба на владата, колку што целта е да се обрне внимание за некои состојби и да се укаже дека се злоупотребува мнозинството и дека владата не работи врз основа на уставот или програмските цели кои ги дала во предизборниот период,“


изјавија пратениците социјалдемократот Тито Петковски и либералот Стојан Андов, кои се и поранешни претседатели на Собранието. Андов посочува дека во земјава едноставно се формираат влади што немаат одговорност:

„Овде се покажува дека коалициите се многу цврсти и не водат сметка за грешките што ги прават владите, не еднаш, уште сме во првата фаза на демократијата. Немаме јавност којашто би се формирала како критична маса за да ги принуди и пратениците да градат поинаков однос.“

Од многуте интерпелации досега успеа само интерпелацијата за првата техничка влада во независна Македонија. За што Петковски вели:

„Експертската влада никој не ја чувствуваше за своја. Тоа е периодот и кога македонскиот плуразлизам функционираше најдобро. Кога имаше натпревар на многу политички партии во парламентот, а ниту една немаше доминантно мнозинство, што покасно се покажа функционирањето на македонската демократија, како голем хендикеп за демократијата.“
XS
SM
MD
LG