Достапни линкови

Сергеј Лавров ги отфрли критиките


Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги отфрли американските критики во врска со новите политички промени во земјата, предложени од претседателот Владимир Путин. Министерот Лавров ова го изјави во Астана, главниот град на Казахстан, каде што утре почнува самитот на Заедницата на независни држави, на кој меѓу другото ќе се расправа и за борбата против тероризмот.

Според Сергеј Лавров, планираните административни реформи се внатрешна работа на Русија. Вчера американскиот државен секретар Колин Пауел оцени дека повикот на Путин за зацврстување на моќта на централната влада е чекор назад од демократските реформи. Путин изјави дека тоа е потребно со цел поефикасна борба против тероризмот, по серијата такви напади во Русија. Но, Пауел смета дека борбата против тероризмот не треба да биде причина за слабеење на демократијата.

„Во обидот да се бркаат терористите, јас мислам дека треба да се има солиден баланс за да се обезбеди дека тоа нема да ве води во насока спротивна од демократските реформи.“

Ваквата зебелешка на државниот секретар Колин Пауел, според шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, е чудна. ,,Ние не ги критикуваме одалечувањата од демократијата, какви што се на пример индиректните избори за претседател на Соединетите Држави,, изјави Лавров. Тој, притоа го обвини Пауел дека сугерира оти демократијата, како што рече, единствено може да се копира од нечиј друг модел. Во меѓувреме, официјален Вашингтон најави дека ќе покрене дијалог со Москва околу предложените нови реформи. Како што е познато, претседателот Путин, на седницата на руската влада пред два дена, изложувајќи ја програмата за борба против тероризмот, предложи создавање нова државна структура која би одговарала на националната безбедност. Тој појаснил дека на таков начин таа ќе биде во состојба, не само да ги спречува терористичките напади, туку и да ги уништува терористите во нивните бази во странство. Путин оцени дека борбата против тероризмот бара и суштински промени на руската политика во Северен Кавказ, бидејќи станува збор за важен регион за Русија.
XS
SM
MD
LG