Достапни линкови

Кампањата за референдумот не треба да се претвори во битка за власт


Официјалниот почеток на кампањата за рефередум се наоѓа во законот за избор на пратеници. Според тоа, таа започнува еден месец пред гласањето на седми ноември. Но, практично кампањата околу референдумот е веќе во тек. Генерално позициите веќе се профилирани, од една страна владеачката коалиција бранењето на законот кој недамна е усвоен во парламентот го базира врз ставот дека тој е услов на успешната децентрализација која како сегмент на рамковниот договор е воедно и критериум за идната евроинтеграција на Македонија. Во таа и таква одбрана на законот застана и шефот на државата. Бранко Црвенковски во интервјуото за Македонската телевизија:

„Јас тврдам дека не е точно дека новиот закон е единственото задоволување на условите од Рамковниот договор. Меѓутоа, тврдам дека враќањето на законот од 96 е дефинитивно против Рамковниот договор.“

Поистоветување на прифаќањето или одбивањето на законот за територијалната организација со Охридскиот рамковен договор е прифатена теза и во Меѓународната заедница. Оттаму, и пораките за територијалната организација се сведуваат на пораки за потребата од почитување на договореното од Охрид. Но, не станува збор за напуштање на Рамковниот вели иницијаторот на рефередумското изјаснување Тодор Петров:

„И Охридскиот договор утврди дециден став дека нема територијално решение на етничките прашања. Владата токму тоа го стори, ја прекрши оваа одредба, го наруши идентитетот на локалните заедници и тоа е обврска од Охридскиот договор и самата на крај изјави дека навистина новиот закон за територијална поделба е правен врз никакви критериуми, освен врз етничките.“

Формулацијата на рефередумското прашање за враќање на законот за териотријална организација од 96 година Петров го обајснува со тоа што на почетокот на иницијативата за рефередум сеуште не се знаеше дали нов закон воопшто ќе биде изгласан, освен тоа вели тој:

„Законот од 96-та година го донесоа ПДП и СДСМ.“

Препознавајќи обиди кај сите политички актери во земјава прашањето на рефередумот да се сведе на политичка борба за власт иницијаторот и со апел до сите политички партии во земјава да не заборават:

„Дека ова е референдум за едно конкретно прашање, а дека локалните избори ќе бидат во некое идно време.“
XS
SM
MD
LG