Достапни линкови

logo-print

Македонија исправена пред нови предизвици


Тринаесет години по референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за независност на државата, Македонија е исправена пред предизвици во политичкo социјално економскиот живот и разбранувани чувства меѓу граѓаните поради новата територијална организација.
Првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, со порака:

,,Главниот предизвик пред се е економската ситуација. Треба да се подобри таа ситуација, да почне оваа земја да се развива повторно, бидејќи заостануваме зад другите земји и тоа е лоша референца за влез во ЕУ."

Незаобиколен момент во државата што исто така денес треба да се има предвид се емоциите на македонските граѓани што ги предизвикува новата територијална организација оценува Глигоров, но неговата порака е недвосмислена:

,,Многу значајно прашање за нашиот заеднички живот е разбирањето со другите граѓани од Македонија кои не се македонци по потекло или се со друга вера. Ние мораме сите да бидеме еднакви, да живееме заедно и да ја сакаме оваа земја."

Оптимизмот дека историското значење на 8-ми септември не може да биде засенето останува и по 7-ми ноември, кога македонските граѓани на референдум треба да се изјаснат за новата територијална организација вели Џеладин Мурати анлитичар и проф на Педагошкиот Факултет:

,,Мислам дека референдумот ќе помине, позитивно или негативно... но граѓаните ќе останат тие кои треба да ја градат иднината и затоа е битен економскиот развој на државата. Да се намалат социјалните случаи, да се зголемат работните места."

Но, покрај општата согласност дека одговор на кризата во земјата треба да се бара во економијата, меѓу дел од македонските интелектуалци сепак преовладува чувството дека прашањето на референдумот на 7-ми ноември е од историско значење, како она пред години кога македонските граѓани се изјаснуваа за независност на државата. Таквото гледиште го брани академик Блаже Ристовски:

,,Изгледа некако овие референдуми одбележуваат значајни ,,пресечки,, во современата македонска историја. Така што тогаш ја создававме државата, а сега за да ја зачуваме државата."

Верувам дека по референдумот на 7-ми ноември Македонија ќе продолжи по оној пат што таа го одбра и што за неа е од стратегиско значење, оценува неговиот колега академик Ѓорѓи Старделов кој вели:

,,Интеграцијата во Европа, тоа е нејзина стратешка цел, која државата ја остварува секој ден, иако бавно но сигурно бидејќи само во обединета Европа, Македонија ја затвара неизвесната историска судбина на Балканот."
XS
SM
MD
LG