Достапни линкови

Глобализација на тероризмот


Kога започна војната против тероризмот, како одговор на нападите на 11-ти септември, изгледаше дека Ал Каида е закана главно за Соединетите Држави. Но, три години подоцна, меѓународните терористички организации и разни слични групи го проширија фронтот. Експлозиите во возовите во Мадрид, кога загинаа над 190 луѓе, беше првиот поголем терористички напад во Европа зад кој, како што покажа истрагата, стои Ал Каида. Нападите во Централна Азија и на Блискиот Исток покажуваат дека фронтот е многу поширок. Во март и во април се случија неколку самоубиствени напади во Узбекистан во кои загинаа 47 лица. Узбекистанскиот јавен обвинител Рашид Кадиров соопшти дека зад нападите стои фундаменталистичка исламска група, поврзана со Ал Каида.

,,Некои од уапсените сведочеа дека биле обучувани во терористички кампови од арапски инструктори, кои претходно ги обучувале милитантите на Ал Каида.”

Но таквите информации не можеа да бидат потврдени. Во мај беше извршен напад врз една населба каде што живеат странци во Саудиска Арабија, при што 22 лица загинаа, а во Авганистан и во Ирак инцидентите станаа секојдневие.

,,Конфликт меѓу држави и екстремистички групи"

Според аналитичарите, глобалниот карактер на нападите илустрира на кој начин дејствува мрежата Ал Каида и покрај уништувањето на нејзината оперативна база во Авганистан. Илјадници терористи обучувани од Ал Каида во камповите во Авганистан се вратија во своите земји и формираа локални групи и дејствуваат со истата идеологија, без притоа да добиваат подршка или наредби од Осама Бин Ладен. Аналитичарот Џулиан Линдли од Центарот за безбедносна политика во Женева оценува дека војната против тероризмот е конфликт меѓу држави и групи.

,,Тоа се маргинални групи, како чеченците, кои се поврзуваат со исламистички екстремни групи во својата битка против локалната држава. Тоа пак ги принудува државите, кои често имаат меѓусебни проблематични односи, да работат заедно. Русија, Америка и Кина се очигледен пример.”

Едни од клучните американски сојузници во битката против тероризмот станаа и Саудиска Арабија и Пакистан. Јакне анти-терористичката коалиција во светот, но јакне и соработката на разни терористички организации. Оттука, и државите, но и терористичките групи гледаат на војната против тероризмот како на глобална битка, која според многумина аналитичари, ќе трае уште многу години.
XS
SM
MD
LG