Достапни линкови

Долговите на сегашните треба да ги преземат новите општини


Не постои законска можност за непреземање на обврските на општините кои со новиот закон за територијалната организација ќе бидат укинати. Согласно законот подмирувањето на долговите и реализацијата на започнатите проекти треба да ги преземат новите општини. Во случаите каде тие не ќе бидат моќни да го сторат тоа обврските ги презема државата, вели Горан Ангелов, претседател на заедницата на општините:

„Правиме темелна анализа на сите долгови на општините во Република Македонија и се надевам дека многу бргу ќе биде при крај изработката на оваа студија и ќе имаме сигурен резултат, колку сите општини во Република Македонија должат. Првичната анализа што ја правеше ЗЕЛС, без градот Скопје, дојде до бројка од 35 милиони евра, кога ќе ги земеме и долговите на градот Скопје, јас очекувам дека бројката ќе достигне околу 50 милиони евра.“

Според Аце Коцевски од Заедницата на општини, добар дел и од сегашните општини се во незавидна финасиска состојба, зашто општините досега добиваа малку средства, а направија долгови како резулат на наследени обврски од попранешниот систем, како резултат на несовесното работење на некои градоначалници и советите, но и поради долговите спрема Електростопанство:

„Да се направи стратегија како да се разрешат сите дилеми, за да не се доведат новите општини да не може да ги извршуваат надлежностите и граѓаните да добијат понеповолни и понеквалитетни услови во споредба со претходно.“

Љупчо Димов градоначалник на скопската општина Кисела Вода од која со новиот закон е изведена и општината Аеродром тврди дека двете општини ќе стартуваат рамноправно, односно дека новата нема да наследи било какви обврски:

„Тоа ќе значи и одреден делбен биланс и на сегашниот имот и на едната и на другата општина, и во делот на обврските и во делот на средствата, па и во делот на вработените, службите итн.“

Ангелов вели дека најбезболно е доколку државата сепак ги подмири обрските кои се од имотно правен карактер. Со предлог законот за финасирање на општините државата прифати 2,5 од ДДВ да го издвојува за општините, ЗЕЛС тврди дека тоа нема да ги реши финасиските проблеми и тие бараа тој процент на ДДВ да биде барем пет насто, во спротивно децентрализраните надлежности општините не ќе можат да ги поднесат.
XS
SM
MD
LG