Достапни линкови

logo-print

Продолжува заложничката драма


Продолжува заложничката драма во градот Беслан во руската република Северна Осетија. Сеуште не е познато кои се напаѓачите, кои од вчера држат во заложништво околу 350 лица во локалното училиште, меѓу кои и над 100 деца. Контактите со напаѓачите, засега без позитивен исход.

Напаѓачите се заканија дека ќе ги убиваат заложниците и ќе го дигнат училиштето во воздух доколку бидат нападнати и го отфрлија предлогот децата заложници да бидат заменети со возрасни. Регионалниот шеф на руската федерална служба за безбедност Валери Андреев изјави дека некои од напаѓачите се идентификувани, но одби да даде детали.

„Истражните операции продолжуваат. Идентификувавме некои од терористите во училиштето и се обидуваме да вклучиме некои од нивните блиски да се вклучат во мирно решавање на кризата.“

Родителите на децата заложници побарале од претседателот Путин, кој поради кризата ја одложи посетата на Турција, да ги исполни барањата на напаѓачите и да ги спаси нивните деца. Вчера Путин изјави дека со терористи нема да преговара. Советот за безбедност на Обединетите Нации побара итно и безусловно ослободување на заложниците и остро го осуди тероризмот со кој се соочува Русија. Рускиот амбасадор Андреј Денисов изјави.

„Советот за безбедност уште еднаш оцени дека тероризмот во сите негови форми е најсериозна закана за светскиот мир и оти за него нема никакво оправдување, какви и да се мотивите.“

Американскиот претседател Џорџ Буш во телефонскиот разговор со Путин понудил помош во решавањето на заложничката криза.
XS
SM
MD
LG