Достапни линкови

logo-print

Бугарија стравува дека членството во ЕУ во 2007 е загрозено


Бугарската влада страхува дека неуспехот во обидите да стави крај на војните меѓу криминалните банди и да обезбеди независен правен систем ќе ги намали шансите на земјата да и се придрижи на Европската Унија во две илјади и седмата година. Ова се наведува во написот на весникот Интернешнл Хералд Трибјун во кој се додава дека до ова дојде по критиките што Брисел деновиве и ги упатил на Софија.

Министерката за Европски интеграции Меглена Кунева, неодамна им соопшти на новинарите во Софија дека криминалот и неспособноста на судовите и на полицијата се проблеми кои би можело да го одложат приемот на Бугарија во Европската Унија. ,,Ако Бугарија не се справи со криминалот, нашето членство би можело да почека уште некоја година,, изјави Кунева како коментар на извештајот на Европската Комисија за тоа како еволуира таа земја во однос на нејзиното влегување во Унијата. Во извештајот, меѓу другото, се вели дека Бугарија продолжува да биде најслаба точка во борбата против организираниот криминал на Балканот. Весникот Труд го цитира британскиот експерт Брајан Дејвис која наведува: ,,Бугарија треба да преземе конкретни мерки за да ја убеди Европа дека е способна да се справи со гангстерите кои слободно се шетаат и се убиваат меѓусебно,,. Министерот за внатрешни работи Георги Петканов го критикуваше овој извештај, велејќи дека во него имало стари податоци, но министерката Кунева предупреди дека потценувањето на наодите во него ќе биде контрапродуктивно за Бугарија. И генералниот секретар на министерството за внатрешни работи Бојко Борисов се согласува дека голем дел од наодите, особено оние за ефикасноста на судството, кореспондираат со реалноста. Како што е познато, Софија ги комплетира преговорите со Брисел и сега се надева во почетокот на идната година да потпише договор за прием во Унијата. Пред тоа, се очекува во бугарскиот парламент да мине новата регулатива за борба против организираниот криминал, како и амандманите во казнениот законик со кои, меѓу другото, треба да се поедностави процедурата во заштитата на сведоците. Бугарија, по паѓањето на поранешниот комунистички режим во илјада деветстотини осумдесет и деветата година, стана место каде што криминалните банди ја организираа својата дејност во шверцот со дрога и проституцијата. Во последно време пак, меѓу нив дојде до вистинска војна во која загинаа многу луѓе, пишува Интернешнл Хералд Трибјун.
XS
SM
MD
LG