Достапни линкови

Мировниот процес во Македонија доведен во прашање


Револтирани од владиниот план за новите граници на општините, Стружани се подготвуваат да прогласат независност. Планот, колку и да е дон-кихотски, има оддек во цела Македонија, главно поради тоа што новата територијална организација на општините е дел од мировниот договор со кој пред три години беше запрен конфликтот, а сега целиот процес е доведен во прашање, се вели во денешниот напис во весникот Њујорк Тајмс.

Трансферот на поголеми овластувања на локалната самоуправа и окрупнувањето на општините беше подржано од западните дипломати како еден од последните делови од Охридскиот договор. Пакетот закони за децентрализација, кој помина во Парламентот, според написот во Њујорк Тајмс, е во согласност со мировниот договор. Но, противниците на промените, главно етничките македонци, ги собраа потребните 150 илјади потписи за референдум со кој би се спречиле новите прописи. Практично, подржувачите на референдумот се против припојувањето на некои села кон Скопје и кон Струга, со што се зголемува бројот на етничките албанци во тие градови, односно во Струга тие стануваат мнозинство. Албанците, кои се околу 25 насто од популацијата во Македонија, според новиот закон ќе станат мнозинство во 16 од 80-те општини, додека според стариот закон имаа мнозинство во 28 од вкупно 124 општини, забележува Њујорк Тајмс. Локалните власти во Струга наведуваат дека со новите граници ќе се добие општина која нема да функционира нормално и оти е загрозена мирната егзистенција, надевајки се дека референдумот ќе успее. Иницијаторот на референдумот, Светскиот македонски конгрес, односно, неговиот лидер Тодор Петров вели дека промените на границите на општините можат да доведат до етничко чистење, онаму каде што мнозинство ќе бидат албанците. Таквите страхувања, според Николас Вајт од Меѓународната кризна група, се неосновани. Тој наведува дека според новите прописи 91 насто од етничкото мнозинство во земјата ќе живее во општини каде што ќе бидат мнозинство. Да се вели дека предложените измени ќе доведат до етничко чистење е колосално преувеличување, оценува Вајт. Албанските лидери во Македонија оценуваат дека доколку референдумот успее, ќе бидат нарушени принципите од Охридскиот договор и автоматски ќе биде поткопана идејата за унитарноста на државата, се вели во написот на Њујорк Тајмс.
XS
SM
MD
LG