Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија. Македонија нема да биде поделена ако референдумот не успее, ниту ќе има нова војна ако тој успее


Господине претседателе, застанавте цврсто зад владиниот предлог за децентрализација. Незадоволството кај опозицијата беше и сеуште е огромно. Требаше ли во преговорите се вклучат и останатите потписници на рамковниот договор?

Би сакал да потсетам на една можеби заборавена работа, а тоа е дека истиот овој Закон скоро со целосно идентична содржина, во јануари месец ја помина првата фаза во Собранието на Република Македонија и ја доби потребната поддршка. Во тој период се организираа неколку средби на претставниците на партите потписнички на Рамковниот Договор, во тоа време, под покровителство на претседателот Трајковски и се констатираше дека разликите се толкави што едноставно, не е можно да се најде заеднички прфатливо решение за сите партии потписнички на Охридскиот договор. Тогаш се дојде во една ситуација, во која што доколку се трагаше по еден општ консензус требаше да се прифати состојба на перманентна блокада, неимплементирање на Рамковниот Договор и загрозување на стратешките интереси на Република Македонија, а тоа се евроатлантските интеграции. Мислам дека се избра вистинскиот пат! Македонија не смееше и не смее да си дозволи една перманентна блокада, која што ќе не чинеше многу, бидејќи факторот време е еден од најважните фактори за Република Македонија. Без разлика колку време ќе се изгубеше, сосема е јасно дека позициите на останатите потписнички на Рамковниот Договор, се не во нијанси поинакви, туку директно спротивставени и таков консензус и сега не е можен.

Колку вие лично се заложивте за изнаоѓање на токму овој предлог на територијална организација?

Па, јас не учествував во преговорите сега, во втората фаза меѓутоа е факт дека и во јавноста соопштив дека стојам зад владиниот предлог и тоа не затоа што тоа е идеалното решение или единственото можно решение,. Првата причина зошто го поддржувам предлогот е затоа што тој е сепак еден разумен компромис помеѓу претставниците на македонскиот народ во Собранието, кои што го сочинуваат парламентарното мнозинство и исто така претставниците на онаа политичка партија на Албанците во Македонија која што доби најголем легитимитет. Дека таквиот компромис и меѓусебно усогласување беше неопходно говори и одредбата од Рамковниот договор која предвидува овој закон да се донесува со двојно мнозинство или т.н. Бадентерово мнозинство. Битно е за државата да имаме решение заедно прифатливо и взаемно подржано. Втората причина зошто застанав зад овој предлог е затоа што овозможува да продолжиме понатаму. Нас не чекаат одговорни задачи, зацртавме амбициозни цели, очекуваме во 2006-та да ја добиеме поканата за членство во НАТО, во 2007 и да станеме полноправна членка, веќе во текот на септември ги добиваме прашалниците од страна на Комисијата на ЕУ, треба сериозна работа на нив, И нашата амбиција е на крајот да го добиеме статусот, кандидат за членство во ЕУ. Значи, овој сериозен проблем треба да го решиме а не да го одлагаме, со одлагањето тој нема да стане помал, туку напротив може да стане и многу покомплициран. И во исто време со губењето на време или блокади, ги загрозуваме овие стратешки ориентации на нашата држава.

Како што е веќе познато, иницијаторот и опозицијата, која се вклучи во истата кампања, ги собраа потребните 150,000 потписи за свикување референдум. Што ви значело за Македонија, евентуалниот успех на референдумот?

Референдумот е едно од најдемократските форми на изразување на волјата на граѓаните и од тој аспект гледано јас го поддржувам одржувањето на референдумот и можеби не е лошо за едно вакво крупно прашање граѓаните да ја добијат таа можност. Она што мене ми пречи во овој момент е стартната основа на политичката кампања со која се оди во пресрет на референдумот, имено наместо да се даваат реални аргументи со кои што ќе се убедат граѓаните во исправноста на едното или на другото решение, се нудат некакви катастрофични сценарија. Значи, ниту Македонија ќе биде поделена, како што велат едните, ако референдумот биде неуспешен, ниту пак ако референдумот биде успешен не значи дека Македонија ќе влезе во нова граѓанска војна. Јас верувам во свеста, зрелоста, одговорноста на нашите граѓани и убеден сум дека тие ќе ја донесат вистинската одлука, Македонија има доволен државотворен капацитет да се справи со овој предизвик.

Господине претседателе, кај дел од граѓаните и кај експертите, постои големо стравување за иднината на Република Македонија. Тие се прашуваат зошто меѓународната заедница, не дава цврсти гаранции за територијалниот интегритет и суверенитет на земјата и по евентуалното заживување на децентрализацијата, таква каква што и помина во Собранието?

Најголемата одговорност за иднината, стабилноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, ја носиме ние граѓаните на Република Македонија. Ние, можеме да и ја дадеме најголемата гаранција на сопствената држава, за мирен и стабилен развој и обратно ние со погрешна политика можеме да го загрозиме опстојувањето на Република Македонија. Се разбира не ја потценувам, напротив многу е значајна позицијата и на меѓународната заедница. И јас имам сосема спротивно мислење од она што вие го посочивте, а тоа е дека токму во изминатиов период релавентните меѓународни фактори мнгоу цврсто застанаа зад унитарниот карактер, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и следна работа, ако Македонија ја добие поканата и стане членка на НАТО Алијансата, тогаш прашањето на територијалниот интегритет на Македонија станува и колективна грижа на сите членки на НАТО Алијансата. Токму затоа и мислам дека треба работите да ги гледаме во перспектива, и точно да ги одредиме приоритететите и соодветно на тоа да ја водиме политиката и да ги насочуваме нашите активности.

Решавањето на конечниот статус на Косово се посочува како клучно прашање за иднината на Македонија. Какви последици може да се очекуваат за иднината на Македонија и регионот од решавањето на статусот на Косово?

Апсолутно не треба да се доведува во било каква врска финалниот статус на Косово со иднината на Македонија. Но, од друга страна исто така не треба да се потценува прашањето за тоа дали Косово ќе биде територија без разлика на финалниот статус, каде што постои воспоставен правен поредок со институции кои што го гарантираат тој правен поредок, со систем кој што е определен да ги прифаќа, прилагодува и применува европските норми и стандарди. Ако Косово оди во тој правец, тогаш ризикот за дестабилизирање на регионот е помал. Токму затоа, а не од некои декларативни причини ние како држава го подржуваме пристапот „стандарди пред статус“. Дури би додал уште нешто: Каков ќе биде финалниот статус на Косово е можеби приоритетен интерес за Белград и за Приштина. Дали Косово ќе биде демократско, уредено со правен поредок? е многу поголем интерес за сите нас што сме во непосредното соседство.

Господине претседателе, како што е познато, Македонија има отворени прашања со некои од соседните земји. Спорот со името со Грција никако да мрдне од мртва точка. Односите меѓу МПЦ и СПЦ влијаат во добрососедската соработка со оваа земја. Што преземате во таа насока?

Точно е дека во последниот период, немаше некаков зајакнат интензитет на ниво на преговорите кои што помеѓу нас и Грција се водат во Њујорк под покровителство на Обединетите Нации. Една од причините за тоа беа одржаните парламентарни избори во Грција и веднаш по тоа организацијата на една сложена операција како што беше организацијата на Олимпијадата. Јас очекувам дека сега откако тие работи се надминати, ќе се интензивираат разговорите и дека созрева свеста и кај нашиот јужен сосед меѓутоа јас би рекол и многу пошироко, во меѓународната заедница дека ова анахроно прашање останато како наследство од претходниот период, едноставно треба да се симне од дневен ред и да се оди понатаму, да се оди напред. Што се однесува околу спорот меѓу МПЦ и СПЦ, со сите оние други работи што се случуваат, Македонија е секуларна држава, а тоа е и Србија и Црна Гора и тука не треба да имаме некакво мешање на државните и црковните работи и можам да кажам дека и покрај овој спор помеѓу црквите односите помегу Скопје и Белград се на едно високо ниво. Ако можеме ние како државни институции да помогнеме во тој спор, ние стоиме на располагање. Решавањето на овој проблем го гледам во правец на остварување на една директна комуникација, разговори, взаемно почитување и уважување помеѓу претставниците на МПЦ И СПЦ бидејќи сум убеден дека тоа не е само државен интерес на Македонија и на Србија и Црна Гора тоа прашање еднаш да се надмине, туку дека тоа е во исто време е една искрена определба и желба на сите наши граѓани,

И на крај, господине претседателе, каде е потешко, да сте на чело на владата, или пак во новата функција – претседател на државата?

Па подеднакво е тешко бидејќи сосема е јасно дека според Уставот е различна позицијата и различни се ингеренциите помеѓу претседателот и премиерот. Меѓутоа од друга страна за да функционира еден систем во целина, сите инстиуции треба со подеднаква одговорност да си ги вршат своите работи. Тоа значи и претседателот, владата и парламентот, а јас би рекол и пошироко дури и позицијата и опозицијата. Сите тие се неопходи за системот во целина да биде ефикасен и да можеме да ги остваруваме главните приоритети на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG