Достапни линкови

Десетици илјади Германци на протести против невработеноста


Десетици илјади германци деновиве излегоа на протести против невработеноста и намалувањето на социјалните давачки за оние што долго време немаат работа. Протестите се особено масовни во економски послабиот, источен дел на земјата. И покрај протестите, владата на канцеларот Герхард Шредер вели дека нема да се откаже од реформите на пазарот на трудот.

Отпорот на германците против реформите во социјалната сфера што треба да започнат во јануари догодина, постојано расте. Оние во источна Германија веќе донесоа одлука за редовни понеделнички протести. Употребата на терминот ,,Монтагс демос,, дополнително ја отежна ситуацијата, бидејќи така се нарекуваа и масовните собирања во Лајпциг во илјада деветстотини осумдесет и деветата година со кои почна падот на комунистичкиот режим во Источна Германија. Економскиот аналитичар Удо Лудвиг од Институтот за економски истражувања во Хале вели дека луѓето одбиваат да се соочат со реалноста.

„Луѓето не сакаат да сфатат дека на Германија и требаат болни реформи со цел повторно да ја зацврсти својата економија.“

Лудвиг додава дека на таков начин, односно со тоа што на работодавачите ќе им бидат дадени пофлексибилни услови за вработување и за отпуштање од работа, ќе се отворат можности за нови работни места.

„Идејата не им влегува во глава на демонстраторите. Тие гледаат намалување на нивните примања, што не е точно, бидејќи во повеќето случаи новите социјални примања не ќе бидат помали од сегашните. Станува збор за погрешна информација што се шири меѓу нив.“

Во Магдебург, каде што впрочем и почна новата серија на Мотагсдемос, Бернард Бекер од Федерацијата на германските синдикати не мисли така. Тој вели дека луѓето не ја загубиле смислата за реалност.

„Тие не веруваат дека реформите ќе им ја подобри ситуацијата. Тие чувствуваат дека некој си игра со нив и оти сака да ги направи граѓани од втор ред.“

Тука, како што вели Бекер, пред се се оние од средната класа

„Дел од општеството кое му припаѓа на средната класа и кое ќе остане без работа, ќе биде турнато во незавидна ситуација и ќе се најде на дното.“

Бекер смета дека новите мерки ќе бидат посебно болни за луѓето во Источна Германија, каде што стапката на невработеност е многу поголема од западниот дел на земјата. Притоа, како што додава, отежувачки момент е и тоа што две генерации источногерманци минаа под комунистички режим, па поради тоа немаа можност да се здобијат со капитал.

„Постои чувство на неправда кое владее меѓу луѓето во Источна Германија. Имено, се смета дека новите мерки ќе ги погоди само нив, а не и оние од другиот дел кои имаа можност да акумулираат богатство.“

Владата на канцеларот Герхард Шредер веќе соопшти дека нема намера да се откаже од социјалните реформи. Сепак некои политички аналитичари сметаат дека протестите на работниците во Источна Германија би можело да ја обесхрабри владата во Берлин и да ја натера да ги одложи реформите за по две илјади и седмата година, односно по парламентарните избори во Германија.
XS
SM
MD
LG