Достапни линкови

По децентрализацијата, следен пакет закони во Собранието


Реформите во образованието, се следните кои по завршувањето на пакетот закони за децентрализација ќе бидат предмет на работа на Собранието. По предлогот за девет, наместо досегашното осумгодишно образование, се поизвесна е и измената која предвидува талентираните ученици, да имаат можност две одделенија да завршат во една учебна година. Оваа измена која се предвидува да биде вметната во предлог дополнувањата на законот за високо и средно образование, кој веќе се наоѓа во собраниска процедура, е по иницијатива на десет пратеници кои очекуваат дека предлогот ќе биде вметнат во законот:

„Постапката со закон вака ја определивме. Значи, со предлог на родителот кој ќе определи дека неговото дете покажува одредени резултати, за да не биде дека родеитлот е субјективен, потоа се оди на класниот, односно одделенскиот наставник, којшто добро ги познава децата и следната инстанца е наставничкиот колегиум и на крајот е министерот за образование. Успеавме да направиме едно законско решение, така што целата постапка да биде определена со тој еден член којшто се менува во законите за основно и средно образование.“

изјавува пратеникот Иван Атанасовски носител на иницијативата.

Колку ова ќе остави простор за манипулации имајќи го предвид пријателскиот однос кој може да се развие на релација наставник-родител, што не е непознато за нашата пракса, е нешто што остава простор за сомневање околу критериумите според кои ќе се утврдува кое дете е талентирано и ќе му се овозможи побрзо завршување на училиштето. Долгогодишната пракса на наставниците, и познавањето на ваквите состојби во образованието, влијае на нивното противење на ваквиот предлог:

„Јас сум против тоа. Затоа што мислам дека детето психички си созрева со својата генерација. Кога би го префрлиле во погорно одделение, тој мислам дека ќе се изгуби со повозрасни деца, можеби нема да се снајде со таа средина. А, може да се направат и одредени манипулации, дете на овој, па ајде побрзо да се запише на факултет,“

вели Снежана Хаџи Николова наставник во основно училиште.

Наспроти мислењата на познавачите во праксата, надлежните од Министерството за образование, ја поддржуваат оваа иницијатива и велат дека таа ќе најде свое место во законите за основно и средно образование.

„Ако е во прилог на учениците, нормално дека и министерот ќе го прифати тоа,“

изјавува Агим Рушити, советник на министерот за образование.
XS
SM
MD
LG