Достапни линкови

Целта на опозицијата, собирање 200,000 потписи и успех на референдумот


Блокот опозициски партии и граѓански здруженија не го прифаќаат предлогот на премиерот Хари Костов, за скратување на роковите за одржување референдум:

„Не може ниту Хари Костов, ниту било кој да ги менува правилата на игра, во време кога веќе е почната постапката за референдумско изјанување на граѓаните. Значи, не може тоа никој да го менува, ниту договор на политички партии, ниту било кој. Мислам дека една таква одлука на парламентот би паднала и пред уставниот суд. Штом се започнале активностите, ќе мора да се завршат онака како што и уставот и законот за референдум пропишува и предвидува,“

изјави еден од лидерите на Третиот Пат, Павле Трајанов.

Опозициските партии пак, се убедени дека до 23 август ќе бидат собрани 200,000 потписи. Цензусот од 150,000 потписи потребни за одржување на референдум е надминат, велат тие:

„Веќе се надминува бројката од 150,000 потписи потребна за распишување на референдум. Меѓутоа, неопходни се да собереме, барем 200,000 потписи коишто никој не може да ги поништува.“

И Зоран Трајчев од ВМРО-ДПМНЕ порача:

„Треба да ја оневозможиме власта во секоја нејзина намера ако се обиде да поништи дел од овие потписи. Значи, сакам да им порачам на граѓаните на Република Македонија, целта повеќе не е 150,000 туку 200,000 потписи. Бидејќи ако власта се дрзна и успеа да ги фалсификува претседателските избори, таа на секој начин ќе се обиде да го поништи и овој референдум.“

Лидерот на ЛП Стојан Андов вели дека сеуште ништо не е завршено:

„Ова е победа да се соберат 150,000 потписи, но победа ќе биде кога ќе успее референдумот и кога ќе победат граѓаните на референдумот. Во оваа земја има народ и власта не може да биде самоволна, не може да се изоткачи и да трча како што сака низ оваа земја, да прави пустош и неред. И треба да знае дека од страна внимателно ја посматра овој народ и граѓаните и знаат да и дадат и жолт, ако треба и црвен картон.“

Андов и со проценка, дека на референдумот ќе излезат:

„Повеќе од еден милион гласачи.“
XS
SM
MD
LG