Достапни линкови

Македонија треба да избере демократско решавање на проблемите


Искуството од 2001, потоа немањето меѓународна подршка за идејата за влошување на ситуацијата, се само некои елементи врз кои Владимир Глигоров од виенскиот институт за меѓународни економски истражувања го гради уверувањето дека Македонија и овојпат ќе избере демократско решавање на проблемите:

„Сега незначи дека тоа ќе се избере како рационално решение. Претпоставувам дека овој прв пат ќе се избере, што значи дека сите овие спорови ќе постојат и понатаму и ќе се решаваат во јавноста и со тие демократски методи.“

Со ова се согласува и аналитичарот Ибрахим Мехмети, усвојувањето на двата закона според него се прв сериозен знак:

„Дека покрај се, преовладува ставот дека мора да се престане со ваквото однесување и да се тргне со решавање на проблемите и тогаш кога тоа можеби не е толку популарно.“

Кометирајќи ги актуелните случувања во Струга и незадоволството кое постои во јавноста од законските решенија Глигоров упатува на референдумот како уставно право на граѓаните за изразување на својата волја. Што се однесува пак до усвоените закони треба да се има на ум дека законите се менуваат во парламентарна процедура:

„Мислам дека не е добро кога се бојкотираат Собранија и слично, бидејќи тоа е местото каде треба да се дискутира и евентуално со амандмани тоа да се менува. Ако не сега тогаш кога ќе се измени односот на силите.“

Во меѓувреме изјавите за Голема Албанија или отцепување на македонските градови се, според Ибрахим Мехмети само резултати на дневната политика кои немаат реална основа:

„Мислам дека во Македонија и кај албанците и македонците, нема критична маса која навистина верува во таквите тези, таквите опции.“

Сепак, останува фактот дека Македонија е постојано од независноста до денес ставена на тест и тоа е нејзината реална ситуација. Решението не е во игнорирањето на проблемите туку во нивното решавање и повеќе во начинот на кој тоа ќе биде сторено вели Глигоров.

„Мислам дека тоа е тест, како за македонските партии така и за албанските партии. Посебно кога се има предвид дека за месец-два, треба да тргне и процесот на евроинтеграција и прашалникот, така да тестот е перманентен.“
XS
SM
MD
LG