Достапни линкови

Вториот бран побезболен


Вториот бран рационализација во администрацијата, ке биде помалку болен-намалувањето на буџетарите ке се реализира преку природен одлив односно со пензионирање на вработените без пополнување на нивните работни места. Првата фаза на реформа во јавниот сектор заврши со отпуштање на околу илјада вработени во јавниот сектор, а до крајот на годината предвидено е уште толкаво намалување со што ќе се заокружи бројката на рационализација во јавниот сектор од 2000 административци. На удар и овој пат најповеќе е министерството за образование чија администрација е најмногубројна:

„Самиот кадар нема да доаѓа повторно на удар. Доколку постојат други потреби во иднина, нема да се оди со институцијата технолошки вишок туку во оние институции коишто се во надлежност на Министерството за образование, пред се од техничко-административниот кадар којшто по сила на законот природно ќе заминат во пензија и тие места нема да бидат пополнувани“

изјавува заменикот министер за образованиеТале Герамитчиоски.

Тој вели дека засега освен по однос на редовно пензионирање, од Министерството за финансии до нив не е доставено барање за намалување на администрацијата по друга основа:

„Не сме задолжени да се прошири оваа бројка“

Но, и покрај како што се најавува „безболното решение“ ветувањата од ресорното министерство дека нема простор за паника, во Синдикатот за образование, наука и култура стравуваат дека може да се појави потреба од нови отпуштања овој пат во наставниот кадар, поради се помалиот број на паралелки и намалениот број на ученици,

„Еводентно е дека во наредната учебна година има намален број на ученици во скоро сите училишта во републиката. Како ќе го решаваме тој проблем, треба да се договориме со министерството откако ќе го утврдиме бројот на вишок на вработени“

вели претседателот на СОНК Дојчин Цветановски.

Во Синдикатот изјавуваат дека настрана од најавената рационализација, нови отпуштања може да се очекуваат и со преземањето на новите ингеренции од страна на локалната самоуправа.

„Тогаш ќе треба да се разговара со секоја единица на локалната самоуправа посебно – дали тие ќе имаат намера да го рационализираат административно-техничкиот персонал. Меѓутоа, сега за сега не прејудицирам ништо“

Инаку со втората фаза на намалување на администрацијата за уште 800 до илјада вработени Владата ќе ги заокружи преземените обврски кон Меѓународниот Монетарен фонд, кои бараат олеснување на буџетот од четири насто на годишно ниво.
XS
SM
MD
LG