Достапни линкови

Може да се случи допонително одложување на локалните избори


По амандманската следи и општата расправа за предлог законот за територијална организација, а доколку биде усвоен на собраниската седница, следен е законот за град Скопје за кој опозицијата исто така најавува амандмани и долга расправа. Оттаму, се погласни се прогнозите дека може да се случи дополнително пролонгирање на локалните избори и оти нивното поместување за месец дена што неделава парламентарното мнозинство го усвои во отсуство на опозицијата, нема да биде доволно. Во меѓувреме дебатата продолжува со истите аргументи од двете страни. Село по село, општина по општина, опозицијата образлага зошто нивното укинување не е прифатливо. Одговорот на власта генерално непроменет. Амандманот не се прифаќа, вели министерот Гештаковски. А, аргументацијата постојано иста, кој добива, а кој губи.

„Кажувам одговорно дека македонците губат, затоа што македонците од мнозинство, сега во целата општина ќе бидат малцинство.“

вели Љупчо Балковски од ВМРО.
Пратениците од владеачките партии возвраќаат:

„Зарем, ако биле 2 или 3% повеќе македонците или албанците, некој ќе се чувствува погордо или подостоинствено. Тоа не е критериумот за подобар живот. Критериумот е почитувањето и довербата. Со ваква политика, вие не градете доверба туку сеете национализам.“

рече Борис Кондарко од СДСМ.

Иако сите декларативно се за мултиетичност, пребројувањето на ваши и наши во собраниската расправата, практично се излеа и на улиците на Скопје. На протесното возење на опозицијата во Чаир имало инцидент за кој ВМРО-ДПМНЕ ги обвини активистите на ДУИ и полицијата. Оттаму, со демант, но вообичаеното читање на пораката од таквите случувања не изостана. Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Ганка Самоилова Цветановска оцени:

„Во државата има граѓани од прв и од втор ред, односно граѓани кои можат да се движат по одредени делови од Скопје и граѓани на кои тоа им е оневозможено.“

Во меѓувреме последното испитување на јавното мислење што го направи Институтот за социолошко-правни и политички истражувања покажа дека две третини од испитаниците не се согласуваат со предложениот закон за територијална поделба. Раководителот на истражувањето Панде Лазаревски вели:

„Цениме дека тоа доста верно го отсликува расположението на јавноста.“

Тој посочува доколку се има волја, ситуацијата може да се смири но:

„За жал сега, топката е дигната многу високо, емоциите се многу распламтени, на маса се ставени решенија кои не водат кон надминување на проблемите, не водат кон интеграција напротив, евидентно е и од одговорите што ги добивме, дека негативно се одразуваат на стабилизација на земјата, на смирувањето на страстите.“

Меѓународните претставници пак, воздржано го следат целиот процес. Сепак пораката преку Меѓународната кризна група е испратена, а таа се сведува на децентрализацијата како услов за опстанок на Македонија.
XS
SM
MD
LG