Достапни линкови

Деновите изминуваат без посебна забава за граѓаните


Вообичаено жешко, веќе познато, скопско лето, метрополата се пече на просечна температура од над 35 степени. Ништо невообичаено би рекле скопјани, животот пулсира со ритам на секојдневиоето кое го „нуди“ градот. Ја загуби ли градот викенд традицијата. Потрагата по соодветно место за да се разладите, обесхрабрува, тоа и не е многу успешен избор, со оглед на малкуте базени или пак загаденоста на езерото „Треска“.

„Не нуди забава Скопје. Скопје нема ништо. Раскопани улици, ,,супер,, градоначалник, ги исече сите дрвја на плоштад, на кеј…Cега имаме една рингла и можеме да се натпреваруваме за пржење јајца или тостови на плоштад.“

Разговорот со речиси истата констатација продолжува и со останатите скопјани од повозрасната генерација. Во мислите за миг се пренесуваат на познатите вардарски плажи, тагувајќи по згаснатата традиција:

„Плажите на Вардар, Кермес, Сарај беше убаво. Се руши традицијата, ако две три години има нешто добро, после тоа се руши традицијата. Сите базени се валкани, а и езерото Треска“

„Нема многу забава, нема многу организирани културни манифестации, малку со Скопско лето се надополнува“

Среќаваме еден познат скопјанец, Атанас Костовски, и тој со носталгија ни го доловува животот во старо Скопје и животот сега:

„Јас дојдов во Скопје во времето кога беше актуелна Руска плажа. Во секој случај, разговараме на место каде што беше хотел Москва, па овде имаше едно прекрасно корзо.“

Единственото место за разладување, е реновираниот кеј на Вардар. Џагор, музика.. Преполнетоста на скопските кафулиња е нешто што на градот никогаш не му недостасувало. Но, и младите скопјани со истото мислење, летото не нуди забава:

„Забава во лето? Слабо! Нема каде да се оди, нема забава освен парк... тоа е.“
„Единствено одиме во КТК, како во двор да си, како дома, инаку друго нема. Евентуално одиме во Катланово преку викенди.“
„Па нема забава, треба да има повеќе базени, дискотеки.“


Пензионери задлабочени во разговорот за политичките настани, уживаат во длабоките сенки во паркот „Жена Борец“. Сликата единствено ја нарушува механизацијата, бучавата на работниците и раскопаните стази во паркот. Градските власти со забрзано темпо работат, но тоа не им пречи:

„Горештините ги поминуваме вака, седејќи и читајќи весници овде во паркот. Плоштадот го направија, еве и овде сега ќе ни направат, кејот го направија... што друго сакаме, се е убаво.“

На новиот плоштад, врвулица од скопјани. Градот невообичаено во текот на летната сезона е полн, денот по високите температури завршува со повремени дождови. Спарно е, тешко се дише, познато за Скопје во лето.
XS
SM
MD
LG