Достапни линкови

Анан побара од албанските лидери да ги подобрат условите за малцинствата на Косово


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан ја повтори загриженоста поради немањето напредок во реформите на Косово. Тој во новиот извештај објавен пред седницата на Советот за безбедност уште еднаш побара од албанските лидери да ги подобрат условите за малцинствата во таа Покраина.

Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан во извештајот од шеснаесет страници констатира дека на Косово се уште се видливи лузните од мартовските насилства кои беа насчени против малцинствата. Затоа Анан бара зголемени напори од страна на косовските лидери за да бидат изведени пред суд сите оние што биле одговорни за тие настани во кои загинаа деветнаесет луѓе, а над деветстотини куќи, цркви и манастири беа уништени или оштетени. Портпаролот на генералниот секретар Фред Екарт изјави дека во новиот извештај се изразува и загриженост во врска со чекорите на Собранието во Приштина за менување на уставната рамка на Косово.

„Обидите на косовското собрание за измени на уставната рамка се надвор од неговите компентенции. Тие само го покажуваат загрижувавачкото немање на желба тоа да се фокусира врз итните косовски приоритети.“

На седницата на Советот за безбедност ќе бидат разгледени и препорките на специјалниот пратеник на Обединетите Нации, норвешкиот дипломат Каи Ајде за ревизија на политиката на Светската организија на Косово. Претставник на Советот, како што јавува нашиот дописник од Њујорк Роберт Мекмахон во услови на анонимност за Радио Слободна Европа изјавил дека Ајде препорачал да биде спроведена политиката стандарди пред статус, а притоа главен фукус да биде ставен врз најзначјаниот стандард, итно подобрување на условите за малцинствата. Доколку тоа биде постигнато, според дипломатот, ќе има и побрзо префрлување на моќта врз албанските власти во сферите како економијата, судството и локалната администрација. Андреј Денисов амбасадор на Русија во Обединетите Нации изјави дека Косово ќе биде во фокусот на претседавњето на неговата земја со Советот за Безбедност.

„Во овој период Косово е многу важно, со оглед на тоа што ние се уште се сеќаваме на насилството што се случи таму во март.“

Рече Денисов чија земја побара крајниот рок, средината на идната година, за постигнување на стандардите да биде одложен и го поддржа планот на Белград за кантонизација на Косово.


Советот за безбедност на Обединетите Нации ги повика Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина да ја засилат соработката со Хашкиот трибунал и да помогнат во апсењето на Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, Анте Готовина и сите други кои се обвинети за воени злосторства. Во претседателското соопштение на Советот се наведува дека сорабткота со судот во Хаг е обврска и предуслов Трибуналот навреме да ја заврши работата.
XS
SM
MD
LG