Достапни линкови

logo-print

Охридскиот договор е многу битен за македонската апликација во ЕУ


Прашањата со кои денес се соочуваат Македонија и нејзините граѓани се суштински за целокупниот процес на реформи неопходни за обезбедување на идниот просперитет и стабилност, исто како што се суштински битните критериуми за интеграција во евроатланските структури – вели во својата прва изјава по стапувањето на должност, специјалниот европски претставник во Македонија Мајкл Салин. Неговиот претходник Сорен Јенсен Петерсен и конкретно порача: децентрализацијата е клучот за македонските европски перспективи и во таа смисла не го одложувајте процесот.

А тој процес сега се сведе на долга собраниска процедура која продолжи по вчерашната седница на парламентот на која е донесен законот за одложување на локалните избори за еден месец. На дневен ред за расправа се и натаму повеќе од стотина амандмани што опозицијата ги поднесе за владиниот предлог за територијална организација, како дел од пакетот за децентрализација. Расправата оди амандман по амандман, село по село, општина по општина.

„Ако ништо друго, барем ќе се запознаеме со селата“ – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Жарко Караџоски.

Своето несогласување со предложениот закон оваа партија ќе го изрази со нови протести на колона автомобили низ улиците на Скопје. Третиот пат, пак, со карван низ македонските градови ќе се обиде да го стимулира собирањето на потписите за распишување референдум за повлекување на предложениот закон. Аргументацијата останува непроменета – со предложената територијална организација се дели државата и затоа тој закон треба да се повлече.

Ставовите на владејачките партии исто така непроменети – територијалната организација нема да ја подели, туку ќе ја обедини земјата. Без неа не е можна ефикасна децентрализација, а таа, пак, е услов за европската перспектива на земјата. Актуелната ситуација со одложувањето на локалните избори и незадоволството на опозицијата, според портпаролот на канцеларијата на европскиот претставник Шина Томсон, не е загрижувачка:

„Одложувањето на локалните избори не е причина за сериозна загриженост. Тоа ќе и даде време на државната изборна комисија подобро да се подготви, а особено поради фактот што одржувањето на изборите со постоечката територијална организација би било пречка за процесот на децентрализација. Што се однесува до несогласувањето на опозицијата, сметам дека тоа е дел од парламентарнната процедура која мора да биде почитувана. Децентрализацијата е важна за граѓаните на Македонија, а пратениците се нивни претставници кои треба да ја изразат нивната загриженост и да дојдат до консензуз. Но, важно е до тој консензус да се дојде за да може да се придвижи процесот“ – вели Томсон.
XS
SM
MD
LG