Достапни линкови

Расправа за владиниот предлог за одложување на локалните избори


Одложувањето на датумот на одржување на локалните избори, според оценката на професор доктор Наташа Габер, од Институтот за социолошки и политичко правни истражување, е помалку штетно од одржување на локалните избори по стариот закон, на 123 општини, како што бара опозицијата:

„Сметам дека не е практично да се оди на избори со старите изборни единици, затоа што многу брзо ќе дојде до промена на истите, така што ќе имаме нестабилност во однос на востановувањето на локалните власти и нивното работење и мислам дека и самата држава се завлекува во својот прогрес. Во таа смисла сметам дека е попожелно, локалните избори да се одржат во новите, наместо старите граници.“

Поместувањето на рокот за одржувањето на локалните избори владата го објаснува како резултат на неможност, во предвидениот рок, до 7-ми август, парламентарната дебата, за Законот за територијална организација да заврши, со оглед на големиот број амандмани поднесени од опозицијата. Но, за ВМРО-ДПМНЕ таквиот потег е само политички маневар, со кој власта сака да го дефокусира вниманието на јавноста од проблемите со Кичево, Струга, Гостивар... Според професор Габер, таквата аргументација на опозицијата не е логична:

„Не верувам дека граѓаните толку брзо ќе заборават што се случува или што се случувало во блиското минато. Така што, не верувам дека маневарот е за да може да се одвлече вниманието. Мислам дека е повеќе прашање на прагма и почитување на некои рокови, за сето тоа да може да се изведе во определениот временски период.“

Евентуалното незадиволство од решението за територијална организација, граѓаните може да го изразат по пат на референдум, а парламентот останува место, каде што партиите треба да ги соочат своите аргументи, за и против, тоа решение, вели професор Габер. Но, според неа она што не треба да се испушти од ум и е од суштинско значење за Македонија, е дека не треба да ги прологнира процесите врзани со децентрализацијата, односно нејзиното приближување кон ЕУ:

„За жал, во моментов во Република Македонија се случува жонглирање, на тенката нишка меѓу конечното скокнување во процесот и ретерирањето од него, кое неминовно следи како резултат на неисполнувањето на обврските што Република Македонија ги преземала. Сметам дека сите треба да сме свесни дека времето не гази и дека ако пак бидеме вклучени во групата земји од Западен Балкан која поспоро се движи, тоа ќе биде по наша вина“
XS
SM
MD
LG