Достапни линкови

Нови мерки во борбата против тероризмот


Соединетите Држави планираат да преземат нови мерки во борбата против терористичката мрежа Ал Каида. Претседателот Џорџ Буш синоќа во Вашингтон најави дека ќе востанови нов функција, односно директор за национално разузнавање кој би требало да ги надгледува домашните и странските разузнавачки операции во борбата против тероризмот.

Новиот шеф за разузнавање ќе го наименува претседателот, а потоа таа одлука треба да биде одобрена од Сенатот, изјави Џорџ Буш додавајќи:

„Директорот за национално разузнавање во принцип ќе биде советник на претседателот и ќе ги надгледува и координира разузнавачките активности, дома и во странство.“

Според Буш, тоа ќе придонесе за интеграција на напорите во борбата против тероризмот и за реорганизација на постојните американските разузнавачки служби. Покрај новиот директор, што всушност е препорака од Комисијата која ги испитуваше недостатоците на тие служби поради нивната неможност да ги спречат терористичките напади на единаесетти септмеври, Џорџ Буш најави дека ќе формира и нов национален центар за борба против тероризмот.

„Овој нов центар ќе се заснова врз аналитичка работа, навистина добра аналитичка работа, и ќе стане владина банка на податоци за сите терористи.“

Буш не ги прифати препораките на Комисијата овие две нови антитерористички тела да бидат сместени во Белата Куќа, оценувајќи дека директорот и центарот треба да бидат самостојни со цел подобро да ги координираат своите активности. Тој ги отфрли критиките дека војната во Ирак ги намали американските напори во борбата против тероризмот.

„Најдобар начин за заштита на Америка е да се остане во офанзива. Смешно е тврдењето дека многу луѓе сакаат да не повредат затоа што Америка е во офанзива. Ние сме во офанзива затоа што бевме повредени.“

Изјави претседателот Џорџ Буш неколку часа откако во Америка беше подигнато нивото на тревога по најавите на разузнавачките служби дека се можни нови напади на Ал Каида врз финасиските институции во Њујорк и во Вашингтон. Според експертите, новите мерки што ги предложи Буш се и поради комплицираноста на оваа терористичка мрежа, односно поради фактот дека таа не е монолитна организација која има централизирана структура

„Тоа веќе не е е старата Ал Kаида мрежа на чие чело е Осама бин Ладен. Тоа е рашерена мрежа и Ал Каида често се користи како име, а не како синоним за група со висока организација.“

Вели експертот од Лондон Денијел Нип.
XS
SM
MD
LG