Достапни линкови

Илинден 1903-та - темелник на македонската независна држава


Со полагање цвеќе на Мечкин Камен од страна на голем број делегации започна централната свеченост за одбележување на 101-та годишнина од Илинденската епопеја. Во говорот на премиерот Хари Костов овој значаен настан од македонската историја се посочува како темелник на денешната независна држава:

„Сите овие животи кои згаснаа во 1903-та, дадоа поттик за новите генерации да ја реализираат вековната заложба за државност“.

Во политичките и економските предизвици низ кои денес минува Македонија, Костов ги препознава основните начела на Крушевската Република, изразена преку нејзината мултиетничка димензија:

„Крушевскиот манифест, кој претставува програмска декларација за целите и стремежите на востаниците, ги оцртува основите на заедништвото меѓу Македонците и деловите од другите народи со кои заедно живееме и кои учествуваа во тие историски случувања“

Оттаму, вели Костов:

„Да се гордееме со корените и стремежите на нашите претци за заеднички живот со сите, градење на заедничка државност, а сето тоа да го направиме во името на сегшноста и иднината“.

Со пораката за заедништво, македонскиот премиер ја потенцира потребата од исполнување на принципите на Илинденското востание:

„А патот до нашата иднина не е и во никој случај не води кон етнички делби и разделби, религиски поделби или етничката доминација. Да ги оставиме национализмите обвиткани во приказната за вистинскиот патриотизам, да ја заборавиме етничката доминација и исклучивост. Ве уверувам, нашата предност не е во бројноста или во мнозинството, ниту пак е во сопствената затвореност или самодоволност. Напротив. Сите сме заедно тука, на ова херојско место, на овој непоколеблив датум, да кажеме дека лошите работи навистина знаеме да ги оставиме во историјата, како поука за иднината и гордо да чекориме на нашиот пат кон евроатланските интеграции и обединета Европа. Само тогаш ќе можеме да кежеме дека целосно го исполнивме крушевскиот идеал, а на Македонија покрај АСНОМ и 8-ми септември и ја должиме уште Европа“.
XS
SM
MD
LG