Достапни линкови

logo-print

АСНОМ и Илинден основи на граѓанското општество


Во време кога повторно се отвораат прашања, од типот, држава, нација, јазик, соживот, односно, нова територијална организација, Македонија ги одбележува двата Илиндена. 60 години од историското заседание на АСНОМ, кога се поставени темелите на македонската држава и 101 година од Илинден и Крушевската Република. Имајќи го предвид тој контекст во кој се празнуваат двата Илиндена, историчарите се едногласни, дека токму документите донесени на првото заседание на АСНОМ се патоказ врз кој треба да продолжат да се градат поставените темели на државата. Тие документи се вистински пример за демократичност, вели професор доктор Новица Велјановски од Институтот за национална историја:

„Иако документите на АСНОМ се донесени пред 60 години, уште ги немавме овие меѓунационални судрувања, а имавме граѓанско општество. На пример, самата декларација, е кажано дека се признаваат правата на човекот и граѓанинот, без оглед на неговата националност, вероисповест и слични други политички определувања. Според тоа, АСНОМ со своите одлуки отишло многу подалеку отколку некои настани коишто се случија подоцна.“

Ваквиот стремеж има традиција и во предасномска Македонија, кога во Крушевскиот Манифест од 1903, со прокламација се повикуваат сите граѓани, без оглед на верата, во борба против заедничкиот непријател, вели професорот Велјановски:

„Таа порака со декларацијата што е донесена на АСНОМ за правата на гаѓанинот, е исто така, всушност прифаќање на илинденските пораки. Па, според тоа, илинденски АСНОМ тоа е заеднички концепт и за иднината и идното заедничко живеење на народот во Македонија.“

Тој се согласува дека во меѓувреме од поставувањето на темелите на македонската држава, до периодот на осамостојувањето на земјата, се направени извесни грешки и отстапувања од решенијата што се декларирани како граѓански. Во таа смисла тој ги објаснува и проблемите што денес повторно се актуелизираат во државата и вели, оти од нив треба да се извлечат поуки:

„Тоа е пораката за повикување на граѓански соживот без разлика на етничките белези на тие народи. Мислам дека тие работи треба да се надминат и јас сум поборник за тоа, да биде, како што е тоа сторено и во Европа, повеќе потпирање на граѓанинот и неговите потреби за живот во заедничката држава.“
XS
SM
MD
LG