Достапни линкови

Парламентот сеуште под полициско обезбедување


Два дена по митингот пред Собранието во Скопје, во центарот на градот сеуште за сообраќај останува затворена улицата „Даме Груев“ што води кон овој објект. На паркинзите од околните згради исто така не е дозволено паркирање и граѓаните мора да се снаоѓаат. Најголем метеж од таквиот режим се создава напладне кога сообраќајот е најгуст, а возилата мора да кружат откако полицијата ќе го оневозможи нивниот премин кај оваа улица. Тоа во најмала рака предизвикува изненаденост кај граѓаните:

„Затворена е улицата, господине.“
„Затворена!?“

Полицијата ги пропушта само возилата кои имаат потврда дека работат во некои од државните институции како што е Собранието и Министерствата. Останатите возачи кога ќе пристигнат на делот од улицата Даме Груев, на која редот го одржува полицијата, освен изненаденост од забраната, се нервозни од метежот што со тоа се создава:

„Чудна работа, без потреба е сево ова... ама како ќе кажат тие, така ќе биде.“
„Ужас, незнам што да мислам, сето ова се смислено, намерна тензија се држи по се изгледа.“
„Кружиме со возилата, сега голем круг се прави.“

По инцидентот во Струга и по мирниот митинг во Скопје, превентивните мерки за време на одржувањето на собраниската седница ќе бидат на сила до оној момент до кога ќе се процени дека тоа ќе биде потребно, вели Горан Павловски портпарол на МВР:

„Проценето е дека поради безбедносни причини има потреба и денеска да биде затворена улицата „Даме Груев„ во централното градско подрачје. После она што ни се случи во Струга, должни сме да бидеме внимателни.“

По протестот во Скопје, полицијата досега не регистрирала какво било нарушување на јавниот ред и мир, ниту пак има најави за собирања на граѓани. За време на митингот, кој заврши мирно беа ангажирани голем број полицајци, а дел од улиците кои исто така беа под посебен полициски режим, беа пренасочени за сообраќај.
XS
SM
MD
LG