Достапни линкови

logo-print

Власта очекува дека законите ќе бидат донесени до 7-ми август


Поднесените повеќе од 160 амандмани само на опозициската ВМРО ДПМНЕ за предлог законот за територијална организација како и амандманите на неколку други пратеници, го поставуваат прашањето, ќе се исполнат ли роковите за распишување на локалните избори или тие ќе бидат одложени. Условот е до 7-ми август да бидат усвоени, законот за територијална организација и за град Скопје:

„Бидејќи тие се суштински за да се знае во кои општински меѓи со колкав број градоначалници и советници ќе се оди на избори.“

појаснува Претседателот на Собранието Љупчо Јордановски. Тој очекува рокот да биде испочитуван:

„На овој начин, со релативно кратки дискусии со едно јавување, се надевам опозицијата така и ќе продолжи.“

Со сличен оптимизам и ресорниот министер Александар Гештаковски кој во Парламентот го брани владиниот предлог за пакетот закони за децентрализација:

„Со оглед на тоа со која динамика ќе работи Парламентот. Сигурно дека би требало да го продолжи работното време.“

Големиот број поднесени амандмани, според координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски говори за потребата на власта и на јавноста да и се укаже на грешката што се подготвува да се направи со овој закон:

„Ние сме крајно конструктивни. Мислам за еден амандман ако некогаш имаме потпишано и по 15-тина, 20-тина пратеници од ВМРО ДПМНЕ говорат само еден или двајца.“

Според Трајановски можноста од пролонгирање на одржувањето на локалните избори не исклучена и не е страшна бидејќи територијалната организација е премногу сериозно прашање за да биде сведено на исполнување на роковите:

„Македонија нема што да изгуби, ако тие бидат пролонгирани еден месец, два или шест месеци... Ние вака, со овој закон трајно губиме територии.“

Координаторот на пратениците од ВМРО ДПМНЕ досегашната расправа во Собранието ја оценува како јалова:

„Со оглед на тоа што и од Владата и од позиционите партии, од колегите пратеници, не најдовме разбирање за ниту еден од нашите предложени амандмани.“

За првиот парламентарец Љупчо Јордановски таа е:

„Коректна е, мирна, без разлика што има доста амандмани, а на некои места и конструктивна. Опозицијата си ги кажува своите аргументи зошто мислат дека нивните амандмани треба да се усвојат и потоа се гласаат.“

Тој не ја исклучува можноста Владата со измени да интервенира врз постоечкиот закон за локални избори, за тие да бидат одложени на одредено време, но тоа вели тој зависи од проценките на Владата, а роковите се познати, до 7-ми август.
XS
SM
MD
LG