Достапни линкови

Ја покажуваат етничката поделба, сметаат експертите


„Јас дојдов тука затоа што сакам да бидам дел, од волјата и гласот на мојот народ бидејќи мислам дека, ако ништо друго треба барем да не консултираат за нашата иднинa бидејќи ние сме тие кои што треба да останеме да живееме овде.“

Со овие зборови младата актерка Арна Шијак го објаснува своето присуство на синоќешниот митинг на здружената опозиција против предлогот за територијалната организација на државата. Но, колку потребата да и се порача на власта како што вели таа, да биде потранспарентна и демонстрацијата на незадоволство за одредена владина одлука, реално можат да сменат нешто:

„Во случајов одлуката е веќе донесена и се друго е работа на гласачката машина во Собранието кое ги следи партиските напатствија со исклучоци тука и таму. Не верувам дека мирното манифестирање на незадоволство, ќе предизвика радикална промена во ставот на носителите на политичките одлуки.“

вели политикологот Панде Лазаревски. Според него, протестите секогаш можат да се релативизираат:

„Со зборовите дека четири, пет, шест, десет илјади лица кои учествуваат на митингот, не го претставуваат целиот електорат.“

Ваквата реакција, вели Лазаревски можеби нема директно да влијае на засилената тенденција на изборна апатија која е присутна во земјава:

„Меѓутоа дека ќе резултира со натамошна ерозија на довербата кон самите институции, е повеќе од јасно.“

Дека протестите ништо нема да сменат во веќе постигнатиот договор, смета и професорот Ферид Мухиќ:

„Потполно е јасно дека ова е веќе завршена работа, дали е решена под влијание на овие две инстанци, тоа воопшто не е важно... Тоа воопшто не менува ништо, освен што појасно ги дефинира односите на тие политички и етнички влијанија во регионот на Македонија и укажува дека таа е обмислена многу претходно и независно од сета оваа навидум спонтана енергија која се обидува нешто да смени.“

Имено Мухиќ, оценува дека предложената нова територијална поделба воопшто и не е спорна, па оттаму и организираното изразување на незадоволство, всушност само ја продлабочува етничката поделбата во Македонија:

„Заостреноста на политичката конфронтација е толку ирационална што ние, ако во Израел градат вистински ѕид можеби 10-тина метри висок, под притисок на реални закани од самоубиствени напади од страна на палестинците, ние овде градиме еден ирационален, невидлив ѕид, ѕид на глупоста, кој навистина за среќа не ги вклучува луѓето по однос на подготвеноста да прејдат на некои самоубиствени акти, но во крајна линија води кон еутаназија на македонската демократија.“
XS
SM
MD
LG