Достапни линкови

Законите може да бидат усвоени, па потоа повлечени ако референдумот е успешен


Засилената динамика на собирањето потписи, за одржување референдум со кој би биле повлечени предлог законите за територијална организација, наспроти оптимизмот на иницијаторите, дека со нив, дури и ќе биде запрена собраниската расправа, што започнува в понеделник, сепак навестуваат можност за спротиставени правни толкувања, и трка со време, со неколку непознаници. Имено, според претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, условите што треба да бидат исполнети за одржување на референдумот, не се исцрпуваат само со собирањето и доставувањето на потписите:

„Собранието во рок од еден месец, откако ќе добиеме информација или потврда од министерството за правда дека 150,000 потписи се проверени, дека се тоа регуларно дадени, има рок од еден месец да свика седница на којашто треба да се одлучи за датумот. А, датумот на референдумот не смее да биде пред 60 дена порано, ниту подоцна од 90 дена.“

Тој појаснува, доколку новите закони не бидат усвоени, а референдумот биде закажан, расправата за новите закони престанува. Меѓутоа, доколку собирањето на потписите и ажурирањето во надлежното министерство, за што не е предвиден временски рок, дојдат откако законите во парламентот бидат донесени:

„Тогаш, законите ќе си функционираат.“

Поради ваквото толкување се отвора простор за прашањето, дали доколку законите за децентрализација бидат усвоени во предвидениот рок, до 7-ми август, а референдумот не биде закажан од страна на претседателот на Собранието, ова граѓанско изјаснување може да стане беспредметно, бидејќи прашањето врз кое се базира се повикува на законите од 96-тата, кои со новата регулатива стануваат неважечки. Според, Рената Десковска од правниот факултет, таква опасност не постои:

„Ако во меѓувреме се донесе новиот закон за територијална организација, тогаш референдумот станува дополнителен, што значи, кога одново се актуелизира тоа прашање, ако е успешен референдумот, ќе мора да се усогласи во рок од 60 дена новонастанатата ситуација според резултатите од референдумот. Тоа значи, дека ќе мора да се укине новиот закон и да се врати во сила стариот. Ако не се донесе законот, тоа значи, дека ако референдумот е успешен, дека законодавецот нема да смее да го донесе новиот закон.“
XS
SM
MD
LG