Достапни линкови

Во понеделник се одржува и најавениот митинг против децентрализацијата


Од рано изутрината во Скопје продолжува собирањето потписи за одржување референдум за неменливост на општинските граници. Во знак на незадоволство на дел од јавноста од договорот на Владата за децентрализација и под впечаток од синоќешниот инцидент во Струга, граѓаните ги ставаат своите потписи изразувајќи убедување дека само демократските средства како референдумот и мирните протести пред Собранието, предвидени за понеделник, претставуваат начин на кој треба да се искаже несогласувањето со решението на власта:

„Се потпишав уште меѓу првите.“
„Ова е последно упориште за граѓаните.“
“Ќе се проба, зошто да не се проба.“
„Владата сама си создаде немири, нетребаше воопшто да ја потегне територијалната поделба, туку требаше само децентрализацијата да ја изврши и тоа ќе беше најубаво и најмирно, а понатаму можеше да се види, ако некои општини не успееа да опстанат, да се спојат или... а, вака самата Влада си „стави трн во здрава нога“. Добар е митингот, само да биде мирно, да не биде како ова во Струга што беше и мислам дека ќе успее, ќе биде мирен овој митинг.“

За досегашниот одзив на граѓаните, зборува Африм Османи началник на подрачната единица на Министерството за правда во општината Центар, каде што собираат потписи граѓаните кои живеат на таа територија:

„Постапката трае се до 23 август. Одзивот на граѓаните сега е навистина голем и убеден сум дека според тоа што сега го гледаме, има шанси и порано да се соберат тие потписи.“

Во меѓувреме здружената опозиција која застана зад потребата од распишување на референдум и одржување на митинг пред Парламентот кога во него ќе влезе пакетот закони за децентрализација, продолжува да ги планира активностите во тој правец. Зоран Витанов портпарол на Социјалистичката партија која е дел од Коалицијата Третиот Пат, односно коалиција која настапува во името на здружените опозициски партии во Македонија, против моделот на власта за децентрализација, вели:

„Ние повторно праќаме порака дека ќе користиме исклучиво демократски средства. Остануваме и понатаму фокусирани на собирањето на потписи, следни активности се организација на митингот како демократско средство и овде сакам да апелирам, митингот да биде колку што е можно најмирен, а најмасовен. Самата масовност ја праќа пораката и нема потреба од радикализација на состојбата.“
XS
SM
MD
LG