Достапни линкови

Започна комисиската расправа во Парламентот


Комисиската расправа во Парламентот за пакетот закони за децентрализација без какви и да е промени во позициите на партиите застапени во Собранието. Расправата во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, донесе ново допрецизирање на критериумите користени при донесувањето на владиниот предлог за законот за територијална организација. Според ресорниот министер, Александар Гештаковски во дефинирањето на предлогот, освен вообичаените неутрални критериуми за територијална организација, како што е бројот на населението или економскиот капацитет на општината, се применети и други за нас специфични кои произлегуват од уставните промени:

„Кои произлегоа од Охридскиот Рамковен договор, кој во основа зборува, реформата на локалната самоуправа има суштинско значење за учество на граѓаните и има една посебна задача, да се потикнува, развива и негува идентитетот на заедниците. Најодговорно тврдам дека, Владата и луѓето кои работеа, водеа грижа за овие обврски кои произлегуваат од Уставот и Рамковниот договор, како етнички аспект и сигурно во ова решение покрај критериумите кои се основни, имаме и етнички аспект на предолжената територијална поделба која е пред вас.“

рече Гештаковски. Владиниот предлог за територијална организација со 80 општини од кои во 27 се воведува двојазичност, ја има подршката на пратениците од владеачката коалиција:

„Ваквата територијална поделба и понатаму ќе води кон унитарна и европска Македонија.“

изјави Зоран Шапуриќ од Либерално демократската партија, председател на Комисијата за политички систем. Нема промени ниту во ставот на опозицијата. За нејзиниот албански дел предлогот за територијална организација оди на штета на албанците:

„Сето ова што се прави од страна на македонската опозиција и некои здруженија, нема никаква основа. Нивните обвинувања дека границите се направени врз етничка основа се нелогични, бидејќи границите се направени врз етничка основа, но на штета на албанците кои со децении живееле на една територија во која биле мнозинство.“

изјави Илијаз Халими од ДПА, член на Комисијата за политички систем каде меѓу другото денеска се претресуваа законите од пакетот за децентрализација.
XS
SM
MD
LG