Достапни линкови

Според меѓународните претставници ќе значи, чекор назад за Македонија


Наспроти медиумската офанзива на претставниците на владеачката коалиција со која се бара подршка за договорот околу територијалната поделба, паралено тече и здружениот ангажман за повлекување на предлог законот за територијална организација од собраниската процедура. Се чини дека отпорот се засилува. Потпишаната декларација на претставниците на опозицијата, здруженија на граѓани, невладини организации, академици, професори и уметници, струшките мирни протестни манифестации... според Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, говорат дека ќе бидат собрани потребните 150 илјади потписи со кои ќе се обврзе Собранието да распише референдум за неменување на општинските граници.

„Според најновите сознанија собрани се повеќе од 70 илјади потписи. Последниот рок за собирање на потписите е 25 август, меѓутоа ние очекуваме потписите да ги собереме пред почетокот или барем за време на претресот на собраниската расправа за законите за новата територијална поделба на Република Македонија, по задолжение на Владата.“

Сепак најавите за референдум и отповикување на договорот на коалицијата иако демократско право на граѓаните ја немаат подршката на меѓународната заедница. Според некои дипломатски извори претставниците на Европската Унија се изненадени од интензитетот на реакциите во Македонија за постигнатиот договор. Оттаму и пораките стануваат попрецизни. Најавите за рефередум се сеуште хипотетични но:

„Ако евентуално тој референдум се спроведе, ако евентуално законите за децентрализација не се усвојат, јас сметам дека тоа ќе значи чекор назад за Македонија.“

изјави европредставикот на заминување Сорен Јенсен Петерсен. Слична порака доаѓа и од европскиот амбасадор Донато Киарини. Имајќи во предвид дека децентрализацијата е клучен сегмент од Рамковниот договор во пресрет на прашалникот од Брисел:

„Се надевам дека нема да има застанување бидејќи Рамковниот договор е еден од политичките критериуми кои треба да се исполнат.“

вели Киарини. Пакетот закони за децентрализација се доминантна тема и на разговорите на македонскиот државен врв со заменик помошникот на државниот секретар на Соединетите Држави за Централна и Јужна Европа, Кетлин Стивенс. Претходно американската администрација го поздрави договорот на владеачката коалиција оценувајќи го како клучен чекор напред во имплементацијата на Рамковниот договор што ќе ја зајакне локалната демократија и мултиетникото општество.
XS
SM
MD
LG