Достапни линкови

logo-print

Општините ќе добијат сериозни буџети


Иако територијалната поделба е на преден план, фискалната децентрализација е најсериозниот процес предвиден со пакетот закони за децентрализација. Со фискалната децентрализација се врши децентрализација на државните приходи од кој голем дел од нив преминуваат во надлежност на локалните власти:

„Општините ќе добијат сериозни буџети, значи тоа нема да биде како сега, релативно мали буџети, туку сериозни буџети и ќе се смени системот на нивно буџетирање, системот на пресметката, на известувањето, на користењето на средствата... Значи ќе има во вистинка смисла буџет на секоја општина, тие ќе можат да се задолжуваат за разлика од сега и кај домашните банки и кај други кредитори, меѓутоа и во странство со дозвола на Владата, што значи претставуваат во фискална смисла, мини држави.“

вели министерот за финансии Никола Поповски. Колку средства ќе им бидат пренесени од централниот буџет на општините, толку тие ќе можат да управуваат со надлежностите во образованието, здравството, социјалата, екологијата, културата и урбанизмот. Но, како ќе се оценува на која општина колку средства ќе и се доделат:

„Тоа е динамичен процес и во иднина сигурно ќе има некои промени. Во законот не се предвидени, и тоа на некој начин претставува мана на законот, критериуми врз основа на кои ќе се врши распределба на средствата тоа е оставено да се изврши со подзаконски акт. Но, доколку Владата во овој момент сака поинаку да ги постави работите, стеснети се во голема мерка можностите затоа што и средствата со кои располага се ралативно мали по обем.“

изјави професорот од економскиот факултет, Трајко Славевски. Според него не може да се очекува дека преку ноќ ќе се префрлат надлежностите од централната на локалната власт. Тоа ќе се прави постепено, вели професорот Славевски:

„Општините и во понатамошниот период, ќе се финансираат преку т.н. блок трансакции кои што ќе ги добиваат од централниот буџет. Ова е направено со цел постепено да се оди во подигнување, односно изградба на капацитетот на општините за располагањето со средствата и вршењето на функциите, затоа што сега ситуацијата е многу сериозна во негативна смисла, нивниот капацитет е многу низок и треба да помине извесен период за тоа да се направи, бидејќи тоа неможе да се направи преку ноќ.“
XS
SM
MD
LG