Достапни линкови

Мерсел Биљали, политички аналитичар. Најмалку од се во моментов е потребно подгревање на меѓуетничките тензии


Господине Биљали, што според вас пакетот закони за децентрализација за кои власта постигна договор, донесе на државата, на Македонците, односно на граѓаните од албанска националност во државата?

Па, мислам дека реално станува збор за еден политички договор меѓу политичките сили коишто ја имаат одговорноста за процесите во државата. Така што, за жал, проблемот е комплетно фокусиран кон етничките прашања, иако проблемот иако тој претпоставува многу други сегменти, поважни од, условно кажано границите на општините.

Го споменавте етничкиот критериум како основен параметар во договорот на власта. Преовладуваат забелешки дека тој е штетен за националните интереси на Македонците. Односно, дека е од полза за граѓаните од албанска националност. Што мислите за таквиот впечаток?

Наша несреќа е што перманентно живееме со проблеми кои мораме да ги бојадисуваме со етничка боја, што е навистина жално. Работите секогаш се политизираат, па често се наметнуваат неспособни политички структури, било да се во власта или опозицијата, кои едноставно често имаат суви политички понуди. Наместо конструктивни и прогресивни идеи, тие нудат празни етнички манипулации со кои мислат дека многу побрзо може да се надомести тоа што е потреба на граѓаните, без оглед на националноста. На сите луѓе во Македонија, без разлика на националноста, им треба економски развој и социјална благосостојба, наместо кревање тензии за општини кои се формираат, па се расформираат. Во некои држави тоа е процес, само се одредуваат критериумите и општините настануваат или исчезнуваат зависно од тоа колку реално можат да опстанат во рамките на постојните критериуми.

Преовладуваат мислења, дека со создавање етнички општини всушност животот меѓу граѓаните од различна националност, се омеѓува и се разградува. Сметате ли дека може поквалитетно да се живее во така поделени општини?

Мислам дека тоа што се омеѓува може да се случи само во нашите глави. Животот е многу покомплициран, отколку тоа што некој сака да го пласира во јавноста, без разлика дали припаѓа на власта или опозицијата. Дури и тие кои се на власт, би сакале да се пофалат за тоа што не е така, и тие коишто се во опозиција, тоа го помножуваат со десет пати, наводно како лошотија што може да се случи на граѓаните. Мислам дека границите веќе се растураат и помеѓу државите, камо ли помеѓу општини. Тоа едноставно, дури и поимот граница не знам дали воопшто заслужува да се споменува. Од причина што тоа е една средина на која се смета дека ќе се решаваат одредени проблеми, како надлежност на овие органи, ништо повеќе. Така што, апсолутно не мислам дека заслужува толкава доза на електризација, која што се случува од сите, апсолутно виновни се сите структури, некој повеќе, некој помалку. Државата се повеќе се се отвора и се отвора кон светот и апсурдно е да се помисли дека општинските граници претставуваат нешто којзнае што. Мене ме загрижува само дали таа општина навистина ќе функционира во интерес на граѓаните или не?

Во таа смисла, кои се прашањата што овој договор ги отвора во перспектива, што се потребни да се усвојат? Колку општините ќе имаат пари да опстанат?

Основно прашање е како ќе се финансираат тие заедници , што во иднина ќе биде главен и многу голем проблем. Друг проблем, е начинот како ќе се пренесе власта, на кои органи и структури, и дали новите општини ќе имаат капацитет за извршување на сите функции. Трет проблем е начинот на одлучувањето, што се уредува со закон. Се работи за пренос на одлучување за одредени предмети, инстанците на одлучување, второстепено одлучување итн. Така што, има многу што од тоа што реално треба да се решава, отколку кревање на етничките тензии.

Сметате ли дека со едни такви претпоставки што треба да се остварат, но од друга страна и со незадоволството и протестите на граѓаните што се јавува во државава ќе заживее концептот на децентрализација во перспектива?

Мислам дека во оваа состојба најмалку ни треба да се креваат етнички тензии, затоа што тоа е комплетно штетно за жал и за економските прашања и за инвестициониот рејтинг и за можниот одговор за нашето аплицирање за членство во ЕУ, затоа што некој може да помисли дека сеуште не сме зрели за исполнување на стандардните коишто ги бара Европа, па може апликацијата да ја чува во фиока. Така што, мислам дека ова треба да заврши вака како што е концепирано, иако и јас имам одделни забелешки, првенствено поради фактот што не мислам дека повеќето општини ќе функционираат повеќе како власт, отколку како локална самоуправа, бидејќи во демократските држави општините се мали заедници кои се непосредно поврзани со граѓаните. Двата столба на локалната самоуправа - собирот на граѓани и референдумот многу тешко можат да се остваруваат во големи општини. Во иднина ќе се докаже дека мораме да одиме согласно со политиката на создавање многу повеќе општини, и тоа не според тесно партиските интереси, туку според барањата на граѓаните дека нивната општина треба навистина да функционира. Ова е само процес. Локалната самоуправа допрва почнува да се гради и во наредните 20-30 години ние ќе бидеме сведоци на тој процес. Ние можеме да го односно да сакаме да го забрзаме или забавиме процесот, но со тоа ништо нема да направиме. Иднината ќе покаже во која насока треба да се движиме. Уште нешто, во однос на етничкото. Мислам дека ако направиме повеќе анализи во однос на законот за локална самоуправа и да внесеме такви механизми апсолутно да не може ниту една заедница да биде мајоризирана од друга, така што и бројни проблеми со тоа ќе ги решаваме.

Говорите за процес, но колку граѓаните од албанска националност, во моментов, според вашиот впечаток, се задоволни од договорот за новата територијална организација што го постигна ДУИ?

Па, мислам дека сепак Албанците беа кон тоа, можеби тоа беше и реално, да се најде решение во однос на Скопје, така што Скопје да биде рефлекс на целата држава. Значи, ако целата држава е мултиетничка, тоа значи и главниот град треба да биде таков. Не мислам дека кај другите општини има заинтересираност, напротив кај некои општини што се окрупнуваат има реакции на граѓаните, зошто им се укинуваат нивните општини, еве на пример, Чеграни, зошто општината да се припојува кон Гостивар. Така што, зборувам конкретно за Гостивар. Кај другите сум помалку во контакт, така што само општините кои се укинуваат во рамките на Гостивар има револт на граѓаните.

Дали со договорот за децентрализација се затвораат прашањата коишто се предвидени како обврска од Рамковниот договор и во таа смисла како гледате на изјавата на претседателот на опозициската ДПА Арбен Џафери, дека со него, всушност, Албанците не добиле ништо ново од она што го имале во 96-тата година?

Не случајно реков дека ова треба да помине вака како што е концепирано од страна на структурите коишто ја преземаа одговорноста да ја водат власта. Меѓутоа, веројатно практиката ќе покаже што треба понатаму да се направи. Мислам дека не треба да резонираме во правец на тоа дека со една одлука веќе е крај на една ера и почеток на една нова ера. Никогаш со никаква одлука не почнуваат нови ери. Тоа е процес, ние можеме, ако сакаме, да го забрзуваме или забавуваме тој процес. Меѓутоа, ништо не сме направиле, ние мора да се вратиме во процесот. Така што, иднината ќе покаже во која насока треба да се движи овој процес.
XS
SM
MD
LG